Компанијата Essential на Енди Рубин престана да го развива наследникот на својот прв паметен телефон PH-1, но тоа не значи дека престана да работи во оваа област. Неодамна се појавија информации дека компанијата подготвува нов мобилен уред. Веќе имаме и конкретна потврда за ова од Рубин, кој откри на Твитер фотографии и видеа од компактен паметен телефон со невообичаено издолжен сооднос на дисплејот и боја на задниот панел која се менува. Кадрите исто така прикажуваат и нов интерфејс.
Гледаме дисплеј со симетрични рамки на скоро целата предна површина и отвор за предната камера, а три копчиња се појавуваат на десната страна. Позади има испакнато подрачје со камера, а под него е вдлабнатина – веројатно за сензор за отпечатоци. Бојата што се менува според аголот на гледање, исто така, остава впечаток. Оперативниот систем е Android, кој се забележува од копчињата за навигација, но изненадувачки тие се поставени на горниот дел од екранот.
Според информации на Essential, уредот се нарекува Project Gem и во моментов е во раните фази на тестирање. Компанијата ветува дека ќе сподели дополнителни информации наскоро. Неодамна откриените инфорамции од XDA Developers, посочуваат дека уредот ќе може да активира гласовен асистент при допирање на сензорот за отпечатоци. На страницата се споменува и чипсет Snapdragon 730, кој е од средна класа. Essential исто така го патентирала зборот Gem, кој на крајот може да излезе и името на уредот.
GEM Colorshift material pic.twitter.com/QJStoiDleH
— Andy Rubin (@Arubin) October 8, 2019