Можностите и предизвиците кои дигитализацијата им ги нуди на малите и средни претпријатија, брз раст со помош на дигитален маркетинг, електронската трговија како можност за македонските компании за излез на светскиот пазар, промовирање на претприемништвото, креативноста и иновативноста, информирање на претприемачите за поддршката што им се нуди преку разни форми за нивен развој достапни во националните, локалните и програмите на ЕУ, се дел од темите за кои се зборува на денешната конференција за претприемништво, развој и иновации „Digital for Entrepreneurship“, што се одржува во рамки на „Европскиот ден на претприемништво“.
На конференцијата, одржана од страна на Европската бизнис асоцијација (ЕБА), Градот Скопје и „Пиксел“, а поддржана од „ЕОС Матрикс“ и „Тиквеш“, претседателка на ЕБА и генерална директорка на „ЕОС Матрикс“, Катерина Бошевска, посочи дека во однос на дигитализацијата на македонските компании се одвиваат одредени процеси, но дека тие се заостанати во споредба со европските компании, истакнувајќи дека компаниите можат да добијат совети и насоки за процесот на дигитализација во Европската бизнис асоцијација, што е всушност и една од нејзините цели – промовирање на европскиот начин на водење бизнис.
– Ние сите имаме бизнис-дивелопмент, оддели во рамки на компаниите, меѓутоа тие генерално и самите ИТ-одделенија работат во насока на тоа како бизнисот да не трпи, како бизнисот да тече, меѓутоа многу малку се ориентирани од аспект на тоа да влезат во процес на дигитализација. Многу малку се осврнуваат кон тоа какви се бизнис процесите низ призма на технологија, многу малку внесуваат технологија или техника во самиот работен процес на компаниите. Ние токму тоа треба да го видиме од тие одделенија за развој, од тие ИТ одделенија, оцени Бошевска.
Таа нагласи дека прво компаниите сами треба да бидат подготвени за да влезат во процесот на дигитализација.
– Компанијата треба да донесе одлука дека ќе влезе во процес на дигитализација, таа одлука не е ниту малку лесна затоа што подразбира и фокусирани луѓе кои што ќе работат токму на таа проблематика во рамки на компанијата. Навистина треба голема самокритичност за да се погледне во процесите низ коишто работат претпријатијата денес, со цел истите да ги гледаат денес низ процесите на дигитализацијата. Тоа ќе значи редефинирање на одредени процеси, промена на самите процеси и сега треба храброст да се направи тој потег, дали треба да се направи, да треба да се направи затоа тоа што целиот свет се дигитализира и ние треба да ги согледаме придобивките на дигитализацијата, што е можно порано за да не заостануваме зад она што се случува надвор од нашата земја, рече претседателката на ЕБА.
Во однос на денешниот настан, таа посочи дека ќе одвојат неколку аспекти во коишто може дигитализацијата да помогне за развој на бизнисот и ќе се обидат да дадат одговори зошто е потребна дигитализацијата.
– Фондот за иновации и технолошки развој поддржува доста голем број на проекти во делот на ИТ-сферата, кои меѓу другото подразбираат и практични решенија за дигитализација во различни области, вклучително и во јавниот сектор. Околу една третина од вкупното портфолио на Фондот, а тоа се некаде над 320 проекти коишто ги финансираме, една третина се во делот на ИТ-секторот, односно некаде 11,2 милиони евра што Фондот ги вложува, рече директорот на ФИТР Јован Деспотовски.
Тој истакна дека со тие проекти се развиваат различен тип на алатки коишто помагаат меѓудругото кои што помагаат во зголемување на квалитетот на процесите.