СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Сите трансакции од државниот буџет од денеска може да ги види јавноста преку „Отворени финансии“

Реализацијата на буџетот по институции, најголеми даватели и приматели на финансии се можностите кои ги нуди новата владина алатка „Отворени финансии“, која на прес конференција ја претставија премиерот Зоран Заев, министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот без ресор за отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

Почетната страна е исполнета со реализацијата на буџетот по месеци, но доколку се кликне на еден од месеците, може да се видат најголемите приматели и најголемите даватели. Во менито пак, може да се пребаруваат трансакциите по приматели и даватели, а може да се најде и детален преглед за корисник. Видлива за првпат е и реализацијата на буџетот по месеци, како и сите детали за токот на парите од 2010 година наваму.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска ги повика сите граѓани кои имаат иновативни идеи за подобрување на алатката, да ги презентираат пред власта.

„Имаме желба и волја, доколку има волја на општините да бидат вклучени и нивните трансакции“, рече министерката Ангеловска.

Премиерот Зоран Заев пак, истакна дека верува дека оваа алатка ќе ја подобри земјата.

„Може да се види колку се реализирани капиталните инвестиции, но ќе видите и кои не ги плаќа сметките, може да видите кој најмногу должи. Има огромно пространство кое може да се прави овде, верувам дека тоа ќе ја подобри нашата земја“, истакна Заев.

Министерот Роберт Поповски пак, истакна дека алактакта е логичен чекор по програмата за отворена и транспарентна влада.

„Отворени финансии ги отвара финансиските трансакции од 2010 наваму. За првпат, владата самоиницијативно го стави на увид на јавноста трошењето. Според истражувањата, владата на Република Северна Македонија заедно со владата на Црна Гора се лидери во регионот, во 2016 бевме на последно место. Република Северна Македонија е на прво место во подкатегоријата за граѓански буџет. Убеден сум дека со „Отворени финансии“ ќе го задржиме првото место во фискалната транспарентност, рече Поповски.

На новинарско прашање за тоа како општините ги трошат средствата кои им се дадени од Министерството за финансии за раздолжување, премиерот Заев нагласи дека разговарал со градоначалникот Петре Шилегов, како претседател на ЗЕЛС да иницира и општините да се вклучат во алатката „Отворени финансии“.

Министерката Ангеловкса истакна дека се реализирани 98% од средствата дадени на општините.

А.Т.

Поврзани вести

Владата ја усвои информација за потребата од дополнителни средства за проектот за поврзување на локални патишта

Заев: Најголемата бугарска софтверска компанија во наредните пет години е подготвена да инвестира 45 милони евра

Тинејџерите масовно учат за трговија со акции

Stefanija Kuzmanovska