Извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, ги кани работниците од затворените ресторани и барови во САД да дојдат да работат за компанијата.
Во моментов „Амазон“ се соочува со огромна количина нарачки кои пристигнуваат поради пандемијата на коронавирус.
Безос рече дека компанијата вработува 100.000 нови работници, како и дека ги зголемува сатниците за работниците кои помагаат нарачките да се исполнат и да се достават до клиентите.
„Во исто време, некои бизниси, како ресторани и барови се принудени да ги затворат своите врати пред клиентите. Се надеваме дека некои луѓе кои мораат привремено да ги напуштат своите работни места, ќе дојдат да работат за нас, сè додека не се вратат во своите работни места “, рече Безос.
Тој додаде дека неговата компанија презела многу здравствени и безбедносни мерки за правилно решавање на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, пренесува „Business Insider“.
„Ги презедовме сите неопходни мерки – од зголемување на фреквенцијата и интензитетот на чистење на нашите објекти до почитување на препорачаната оддалеченост помеѓу вработените“, рече Безос.
Безос додаде дека компанијата нарачала милиони маски на работниците, но истакна дека недостигот на маски на глобално ниво предизвикува тие да ја одложат испораката.
„Амазон“ е преплавен со нарачки уште од моментот кога вирусот започна да се шири во САД, бидејќи луѓето почнаа да акумулираат основни животни потреби и други добра за да се обезбедат себе си додека се изолирани во нивните домови.
Оваа навала ја натера компанијата внимателно да ја балансира заштитата на здравјето на своите работници и да остане во чекор со нарачките на своите клиенти.
Минатата недела, првиот позитивен на вирусот случај во магацин „Амазон“ беше потврден во Квинс, Њујорк. Работниците во објектот изјавиле за „Атлантик“ дека од вработените сè уште се очекува редовно да ги работат своите ноќни смени, откако беше потврдено дека нивниот колега е позитивен на коронавирусот. Сепак, Амазон го негираше ова.