СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

МБА: Сте банки и штедилници интензивно преземаат активности за заштита на здравјето на своите клиенти

Македонската банкарска асоцијација (МБА) денеска преку соопштение ја извести јавноста дека сите банки и штедилници интензивно преземаат активности за заштита на здравјето на своите клиенти.

„Апелираме до граѓаните, заради заштита на јавното здравје:

– Филијалите и експозитурите да се посетуваат само кога тоа е неопходно и да се настојува што повеќе да се користат услугите за електронско и мобилно банкарство коишто во овој период се бесплатно достапни 24/7 (преку овие услуги може да се вршат трансакции и за плаќање на сметки – услуга за којашто повеќе граѓани сѐ уште ги посетуваат филијалите и експозитурите);

– При неопходна посета на филијалите и експозитурите да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост и препораките за самозаштита;

– Да се почитуваат насоките дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите кога тоа е неопходно да не се загрози здравјето;

– Да се избегнува користењето готовина и при плаќања секаде каде што е можно да се користат платежните картички.

Со цел соодветно постапување во функција на заштита на јавното здравје, во текот на овие денови, кога заради исплатата на пензии и на социјална помош, бројот на клиентите коишто ги посетуваат филијалите и експозитурите е зголемен, и тоа особено во одредени делови од денот, банките, покрај поставувањето ознаки за соодветна раздалеченост пред филијалите, експозитурите и банкоматите, како и известувања и визуелни препораки за заштита на влезовите, постепено воведоа и редарски служби со надворешно ангажирани лица или со вработени од филијалите и експозитурите, секаде каде што беше потребно, а се издаваат и броеви за ред за чекање. Во текот на денешниот ден, во рамки на овие активности со поддршка се вклучи и Министерството за внатрешни работи, за што искрено сме благодарни. Но, имајќи предвид дека и покрај сите преземени активности, пред некои од филијалите и експозитурите, во текот на денешниот и изминатите неколку денови имаше поголемо присуство на клиенти, апелираме до граѓаните заради заштита на здравјето да ги следат препораките коишто ги упатуваме во однос на физичката посета на банките.

Во моментов се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти коишто ги посетуваат банките е поголем. Притоа се имаат предвид и мерките за временско ограничување на движењето, како и бројноста на персоналот којшто е активен во овој период во банките, бидејќи дел од вработените се отсутни заради мерките за заштита (родители), а истовремено сите банки имаат креирано и резервни тимови во случај на евентуална контаминација. Уверени сме дека во натамошниот период, процесот ќе се одвива поефикасно, со заложба и од страна на банките и од страна на клиентите коишто ќе ги следат препораките.

Заради соодветна информираност на клиентите, препорачуваме да се следат комуникациските канали на банките, преку коишто се објавуваат и информации за реорганизацијата и промените во работното време, начинот на користење на филијалите и експозитурите (во моментов, влез од 2 до 5 клиенти во исто време) како и за режимот за работа за исплата на пензиите и на социјална помош“, се вели во соопштението

Поврзани вести

Групацијата Новоматик и Апекс Македонија самоиницијативно ги стопираат угостителските услуги од 23 до 07 часот

msp-admin

За прв пат воспоставена директна авиолинија Скопје – Киев

msp-admin

Поради големиот пад на резервации, Booking отпушта повеќе од 4.000 лица

msp-admin