СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Три четвртини од вработените и компаниите погодени од кризата со КОВИД 19, според Finance Think

Три четвртини од вработените и компаниите во земјава се погодени од економската криза предизвикана од коронавирусот, покажува анкетата на „Finance Think“ објавена во публикацијата „Квалитет на живот – Економските ефекти од корона кризата“.

Податоците од анкетата покажуваат дека високи 75,9 проценти од испитаниците одговориле дека компанијата во која работат е погодена од коронавирусот.

Состојбата кај самовработените и микробизнисите е уште покритична. Така, 89 проценти од нив се изјасниле дека кризата го погодила нивниот бизнис. Анализата укажува дека микро бизнисот се соочил со значителен пад на прометот или со привремено затворање.

Од испитаниците кои одговориле дека компанијата во која работат е погодена од корона кризата, голем дел одговориле дека тоа е поради мерките на државата со кои се наложило затворање на одредени компании или затоа што нивниот промет значително опаднал.

Значаен е и процентот на компании кои имале проблем да ги пласираат своите производи и ова најчесто се однесува на извозно-ориентираните компании.

Најчестиот механизам што го примениле работодавачите за прилагодување на корона-кризата е намалување на платите на вработените и прекинување на секакви дополнителни исплати. Така, 25,6 проценти од испитаниците одговориле дека им била намалена платата, а 24,1 процент дека им било соопштено оти веројатно ќе им биде намалена платата или ќе има отпуштања од работа. 23,1 процент се изјасниле дека им биле скратени дополнителните исплати. На принуден одмор биле отпуштени 14,4 проценти од испитаниците, а 10,8 проценти биле отпуштени од работа.

Од корона кризата погодени се и невработените, а повремените приходи се прекинати и кај невработените со инцидентни работни ангажмани.

Скоро половина од испитаниците вработени во јавната администрација и од испитаниците пензионери покажале подготвеност да им бидат скратени нивните примања, додека 23 проценти од јавната администрација и 18 проценти од пензионерите се изјасниле дека не се согласуваат со никакви кратења на приходите, но оти стравуваат дека до тоа ќе дојде.

– Сепак, треба да се забележи дека по околу една петтина од двете групи не се согласуваат да
сносат дел од економскиот товар на корона-кризата, се вели во анализата.

Најголем дел од испитаниците или високи 70 проценти одговориле дека во моменталните околности на економска криза предизвикана од ширењето на Ковид-19, би можеле да издржат најмногу три месеци.

Поврзани вести

Бектеши: Вративме неколку цистерни со сомнителен мазут, ако треба ќе ги објавиме имињата на компаниите

Анѓушев: Берзата треба да се искористи за вбризгување свеж капитал во компаниите

msp-admin

Деспотовски: Државата за помалку од 10 години може да очекува поврат на доделените државни средства по разни основи

Влатко Зорба