СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Узунов: Одлуката за зголемување на акцизата е оправдана, негативно нема да биде погоден никој

Одлуката за зголемување на акцизата е оправдана токму со оглед на ситуацијата во којашто се наоѓаме. Имено, тоа е ситуација кога имаме намалена економска активност, заради тоа намалени приходи на разни категории граѓани, кои во таквата ситуација очекуваат дополнителен (или пак основен) приход од буџетот, објаснува во разговор за Стандард универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Според него падот на цената на нафтата на светскиот пазар за нас доаѓа како „среќна околност”, бидејќи останува една сума пари, да ги наречеме условно „слободни финансиски средства”, од коишто владата може еден дел да зафати и да го искористи како дополнителен (во смисла претходно непланиран) буџетски приход.

Во однос на тоа дали со ваквата одлука ќе имаме ценовен шок и растење на цените на други производи, професорот вели дека нема шанса за такво нешто.

– Од едноставната причина, бидејќи мерката се носи во услови на значително опадната цена на нафтата, смета Узунов.

За обвинувањата на опозицијата дека ова не е одлука за помош на стопанството, туку враќање на времињата на транзицијата тој објаснува дека оваа мерка е за обезбедување пари во буџетот заради помагање на некои граѓани, без да се направи штета на стопанството.

– А што се однесува до „враќање на времињата на транзицијата” – мислам дека опозицијата или не значи терминот транзиција, посочува професорот.

На светските берзи има историски пад на нафтата, во Македонија поскапеа горивата, се зголеми акцизата.Оправдана ли е одлуката со оглед на ситуацијата во која во моментов се наоѓаме?

– Одлуката е оправдана. Имено, тоа е ситуација кога имаме намалена економска активност, заради тоа намалени приходи на разни категории граѓани, кои во таквата ситуација очекуваат дополнителен (или пак основен) приход од буџетот. Но, намалени се и буџетските приходи. Затоа, мора да се најдат дополнителни извори на пари во буџетот. Во таа смисла, падот на цената на нафтата на светскиот пазар за нас доаѓа како „среќна околност”, бидејќи останува една сума пари, да ги наречеме условно „слободни финансиски средства”, од коишто владата може еден дел да зафати и да го искористи како дополнителен (во смисла претходно непланиран) буџетски приход. Тоа го прави со покачувањето на акцизата. И по сите изгледи, меѓу сите алтернативни извори на дополнителни пари за буџетот што може да се најдат во ова време (како кредити, но и разни други), дополнителниот извор на пари со покачувањето на акцизата е веројатно најефтиниот извори, вели тој.

Според вас кои дејности ќе бидат најмногу погодени со покачувањето на акцизата?

– Во таа смисла, само (или исклучиво) негативно нема да биде погоден никој, бидејќи оваа мерка на (мало) покачување на цената на нафтата, се носи после претходно (големо) паѓање на цената на нафтата. И плус, бидејќи дополнителната акциза е предвидено да опаѓа ако дојде до покачување на цената на нафтата, тоа само потврдува дека никој нема да биде (само) негативно погоден со мерката. А, позитивно погодени со неа ќе има голем број граѓани, како веројатно и некои фирми. Тоа ја прави мерката да биде добра според сите таканаречени критериуми за општествена оправданост на мерките на економската политика.

На кој начин може да ја искористиме ниската цена на нафтата?

– Токму на начинот какошто се користи – за дополнителен буџетски приход, додека цената е ниска. Инак ги видов оние предлози за користење на ниската цена на нафтата за правење на државни стокови резерви на нафта. Но, тоа не е можно, бидејќи во моментот државата (буџетот) нема пари за тоа. Нема оправданост државата да полни резерви сега, а некои граѓани да ги остави без никакви средства, или некои фирми без никаква финансиска поддршка. Тоа не е (макро)економски оправдано. Да беше државата фирма што треба да направи профит, тогаш таа мерка ќе беше соодветна. Но, државата не е фирма, она не треба да прави профит, туку да се грижи за обезбедување на (барем минимален) животен стандард на граѓаните.

Дали со ваквата одлука ќе имаме ценовен шок и растење на цените на други производи ?

– Мислам дека нема шанса за такво нешто. Од едноставната причина, бидејќи мерката се носи во услови на значително опадната цена на нафтата. Нема никаква оправданост некој сега да ги зголемува цените заради оваа дополнителна акциза, бидејќи претходно кога паѓаше цената на нафтата, никој не ги намали своите цени заради тој ефект.

Опозицијата обвинува дека ова не е одлука за помош на стопанството туку враќање на времињата на транзицијата. Кој е вашиот став?

– Оваа мерка нема за првенствена цел помагање на стопанството, туку обезбедување пари во буџетот заради помагање на некои граѓани, без да се направи штета на стопанството! Ако е опозицијата против тоа, нека каже отворено. А, што се однесува до „враќање на времињата на транзицијата” – мислам дека опозицијата или не значи терминот транзиција, или пак, во отсуство на економски аргументи против мерката, посегнува по реторика што не значи ништо, ама може да звучи „убаво”. Инаку, каква врска има акциза со транзиција?

Дали оваа одлука ќе им наштети на сите домаќинства кои имаат возило или се греат на екстра лесно масло, на фирмите, кои користат погонски горива и на земјоделците?

– Мерката нема да наштети, бидејќи се носи во време на значително опадната цена на нафтата, и со динамика да се намалува, ако доаѓа до пораст на таа цена. Во однос на користење на екстра лесно масло за греење: прво, веќе е сезона кога нема греење; второ, мислам дека никој веќе не се грее на екстра лесно масло, бидејќи тоа е најскапо греење. За транспортната дејност којашто користи нафта како погонско гориво: тие фирми своите цени ги нивелирале на ниво кога цената на нафтата била значително повисока (околу 40%), па бидејќи во меѓувреме, кога падна цената, тие своите цени не ги намалија, значи дека сега нема да имаат загуби, напротив, пак ќе имаат дополнителен приход, но за малку понизок. Земјоделците добиваат тнр. „зелена нафта”, а за домаќинствата што имаат возило „на дизел”, и за нив е точно дека сегашната цена на дизелот со дополнителната акциза е пониска од онаа од пред месец-два.

Б.М

Поврзани вести

Царинската управа поднесе кривична за избегнување плаќање акциза за тутун во вредност од 4,7 милиони евра

Влатко Зорба

Младинскиот додаток привлечен за младите вработени во штипските фабрики

Stefanija Kuzmanovska

Во првите 7 месеци од годинава споредено со истиот период лани има намалување за 4,6 проценти на работниците во индустријата