Францускиот претседател, Емануел Макрон претстави историски план за помош од осум милијарди евра на производителите на автомобили, погодени од последиците од пандемијата и за нејзина модернизација така што државата ќе стане лидер во производството на електрични автомобили.
“Државата ќе даде нешто повеќе од осум милијарди евра за автомобилскиот сектор. Целта ни е Франција да стане првата европска земја во производството на ‘чисти автомобили’ во наредните пет години, со повеќе од еден милион електрични и хибридни автомобили годишно“, рече Макрон за време на посетата на фабриката за делови за автомобили Valeo.
За да го поттикне купувањето автомобили што опадна за време на пандемијата, Макрон најави зголемување на еколошки субвенции за набавка на електрични возила на 7.000 евра за граѓаните и 5.000 евра за компаниите, како и субвенција од 2.000 евра за хибридни возила. Планирани се и субвенции за купување на електрично возило по системот старо за ново.