Технолошкиот гигант IBM објави дека го запира развојот на технологијата за препознавање лице за да се поттикне одговорно користење на технологијата. Оваа компанија со години е голем играч во областа на технологијата за набљудување, но тие одлучија дека сакаат да „излезат од рингот“.
Во писмото до американскиот Конгрес, извршниот директор на IBM, Арвинд Кришна се осврна на смртта на Џорџ Флојд, Ахмуд Арбури и Бијонсе Тејлор, во која се вели дека компанијата би сакала да соработува со надлежните за да се постигне расна еднаквост, пренесува порталот „The next web“.
Кришна посочи дека клучните промени во политиката мора да се случат преку полициските реформи, со одговорно користење на технологијата. Затоа, како што рече, IBM нема да учествува во создавање „технологија за препознавање лице за општа намена што може да се користи за масовно набудување“.
„IBM остро се спротивставува и нема да одобри употреба на која било технологија, вклучително и технологија за препознавање на трети лица, за масовно набудување, расно профилирање, кршење на основните човекови права и слободи или која било цел што е во спротивност со нашите вредности. Веруваме дека сега е време да се започне национален дијалог за тоа дали и како треба да се користи од домашните агенции за спроведување на законот и како треба да користиме технологија за препознавање лице“, се вели во дел од соопштението.
Минатата година, Националниот институт за стандарди и технологија (NIST) ги објави резултатите од истражувањето во кое се тврди дека системите за препознавање на лицето поверојатно ќе прават грешки кога станува збор за Азијците или Афроамериканците, отколку кога станува збор за белите луѓе.