Координација и меѓу институционална комуникација е неопходна, за да не се остава простор за слободно толкување на економските мерки и уредбите кои сметководителите ги спроведуваат во пракса за најголем број од претпријатијата. Комората на сметководители апелира за усогласување на ставовите на институциите, бидејќи дополнителна конфузија на веќе постоечките предизвици со кои деловните субјекти се соочуваат, е најмалку потребна. Јасни уредби и техничка институционална подготвеност за спроведување на истите е од голема важност за непречено функционирање на стопанството, беше истакнато на денешната прес конференција на Комората на сметководители при Сојуз на стопански комори на Македонија.
Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители истакна дека собено актуелна е мерката за финансиска поддршка за приватниот сектор во износ од 14.500 денари по вработен и информира дека за оваа мерка, циклусот за април е завршен, а за мај е во тек, а се соочуваат со технички неусогласености и предизвици за реализација.
„Деновиве сме сведоци на разни толкувања од страна на надлежни институции, коморите и синдикатите за начинот на искористување на средствата. Таквите толкувања, доведуваат до заблуди, зголемувајќи ја правната несигурност кај колегите сметководители, како и кај клиентите со кои соработуваме.
Согласно законските прописи, во случај на виша сила, каде што во зависност од дејноста има делумно или целосно запирање на работниот процес, дозволено е пресметување и исплата на нето плата во износ од 50 или 70 отсто. Истото, беше соопштено на официјалната веб страна на Влада, а во повеќе наврати го потврди Министерката за финансии, повикувајќи се на одредбите од член 112 од Закон за работни односи.
Оттука, неосновани се тврдењата кои се наjавуваат изминативе денови, со закана за контроли и враќање на средствата со камата доколку не е исплатен целиот износ од 14.500 денари како нето плата. Имено, самата уредба со законска сила никаде не се повикува на бруто или нето плата, туку средствата се јасно дефинирани како финансиска поддршка за исплата на плата. Во условите за аплицирање и одобрување на оваа мерка, пропишани се единствено компанијата да има пад на приходот за 30% во однос на споредбен период, како и задржување на бројот на вработени одреден број на месеци по завршувањето на мерката, а никаде истата не се поврзува со висината на исплатената нето плата“, изјави Андреева
Благоја Грозданов, член на УО на Комората на Сметководители побара итно и безусловно продолжување на мерките за финансиска поддршка.
„Македонските мали и средни претпријатија претставуваат повеќе од 99 отсто од регистрираните активни претпријатија и имаат клучна улога во функционирањето на националната економија. Тие со 65 отсто учество во бруто домашниот производ доминираат пред другите субјекти, обезбедуваат повеќе од 80 отсто од работните места во приватниот сектор и се столбот на македонската економија. Нашето барање се темели на анализи на податоците за компаниите за кои обезбедуваме сметководствено-финансиски услуги и непосредно можеме да ги согледаме предизвиците со кои се соочуваат за да опстанат во оваа криза.
Бројни реакции стигнуваат до нас и во однос на тоа дека голем дел од самостојните вршители на дејност се уште немаат примено средства за април, иако уредно поднеле барање и истото им е одобрено. Сите параметри укажуваат дека ликвидноста на над 65 проценти од претпријатијата е сериозно нарушена. Тука не се изземени ниту сметководствените бироа, кои во најголем број поради ограничувачките пропишани услови за жал не можеа ниту да алицираат за некоја од понудените економски мерки“, истакна Грозданов и додаде дека здравствената криза е во ек, а како резултат на рестриктивните мерки и протоколи дополнително e отежната состојбата во економијата. Дел од дејностите воопшто не се започнати со работа, поради што неопходни се навремени реакции за помош.
Комората на сметководители постојано укажува на потребата од меѓуинституционална координација и слух за потребите на реалниот сектор од терен. Апелираат дека во услови на економска криза, не е време за промовирање репресивни мерки за претпријатијата кои се во криза.
Комората на сметководители уште еднаш ја истакна подготвеноста, за учество во работните групи за носењето на применливи законски решенија во областа на даноците, придонесите, финансиите и сметководството чие извршување односно имплементација во пракса е на товар на сметководителите.