СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Која е првата земја во која Фејсбук и Гугл ќе плаќаат за вести?

Австралија ќе стане првата земја што ќе побара од интернет компаниите да плаќаат на медиумските куќи за вести.

Оваа земја ќе ги присили технолошките гиганти како Фејсбук и Гугл да платат на австралиските медиуми за објавените новости, а со цел да го заштитат независното новинарство и да го држат буден целиот свет.

Овој принцип е според модел сличен на авторските права, а истиот ќе биде регулиран со закон годинава, рече министерот за финансии, Џош Фрајденберг.

„Тоа би било чесно за австралиските медиуми. Треба да обезбедиме подобра конкуренција, подобра заштита на потрошувачите и одржливо медиумско опкружување. Станува збор за иднината на австралискиот медиумски простор“, рече Фрајденбург пред новинарите во Мелбурн.

Овој потег следеше откако технолошките гиганти започнаа да се бранат од построгите регулативи ширум светот и еден ден откако американските пратеници на конгресното сослушување ги нападнаа Гугл и Фејсбук за злоупотреба на моќта на пазарот.

Откако го испита пазарот на медиуми и моќта на американските платформи, австралиската влада побара од Фејсбук и Гугл на крајот на минатата година да преговараат за договор со медиумските куќи за употребата на нивната содржина.

Преговорите не вродија со плод, па Канбера објави дека доколку не се постигне договор во арбитража во рок од 45 дена, австралиската агенција за комуникации и медиуми ќе донесе законски обврски во име на владата.

Гугл вели дека регулативата игнорира „милијарди кликања“ што ги праќа до австралиските медиуми секоја година.

„Се испраќа загрижувачка порака до компаниите и инвеститорите дека австралиската влада ќе интервенира наместо да го пушти пазарот сам да работи. Не прави ништо за да се справат со фундаменталните предизвици на создавање деловен модел погоден за дигиталното време“, рече Мел Силва, извршен директор на „Гугл“ за Австралија и Нов Зеланд.

Фејсбук сè уште не одговорил на барањето за коментар.

Медиумските компании како „Њуз Корп Австралија“, која е дел од медиумската група „Њуз корп“ на Руперт Мардок, силно лобираа кај владата да ги донесе американските компании на преговарачката маса, заради долгогодишниот пад на приходите од реклами.

„Додека другите земји зборуваат за нечесно и штетно однесување на технолошките гиганти, австралиската влада е прва во светот што реагираше“, рече извршниот директор Мајкл Милер.

Студија од 2019 година покажа дека 3.000 новинарски работни места во Австралија се изгубени во изминатите десет години затоа што традиционалните медиумски компании ги трошеле своите приходи за рекламирање на Гугл и Фејсбук, што не плаќале ништо за медиумските содржини. За секои 100 американски долари потрошени за рекламирање преку Интернет во Австралија, не сметајќи кратки реклами во весниците, скоро третина одат на Гугл и Фејсбук, рече Фрајденберг.

Други земји се обидоа да ги принудат технолошките гиганти на договор, но не успеаја.

Медиумските компании во Германија, Франција и Шпанија се обидоа да донесат национални закони за авторски права што ќе го принудат Гугл да плати за лиценците кога објавува извадоци од нивните написи во весниците.

Во 2019 година, Гугл престана да прикажува исечоци на европски медиумски куќи на француски корисници, додека најголемата германска медиумска компанија „Аксел Спрингер“ дозволи нејзините вести да бидат во пребарувачот кога падна сообраќајот кон нејзините страници.

Поврзани вести

Uber значително поскапе

Влатко Зорба

Енергетската транзиција може да ја промени геополитичката карта на светот

Влатко Зорба

Јапонија започна со подготовките за 6G мрежите

msp-admin