Богатството на американскиот бизнисмен од Силициумската долина во Калифорнија, Илон Маск, надмина 100 милијарди долари, што го направи еден од најбогатите луѓе во светот, објави американскиот магазин „Форбс“ на својот список на милијардери.
Како пренесува „Ројтерс“, според „Форбс“, најголем удел во богатството на Маск доаѓа од сопственоста кај производителот на електрични автомобили „Тесла“, каде тој поседува 21% од акциите, а чија вредност скокна пет пати оваа година.
Акциите на Тесла се појавија на пазарот во 2010 година по цена од 17 долари, а денес достигнаа рекордни 2.318,49 долари.
Тесла стана највредниот производител на автомобили на пазарот кога ја презеде јапонската Тојота на 1 јули, а во последните 10 години направи многу свои инвеститори милионери.
Маск сега е член на елитниот клуб со само четири лица со богатство од 100 милијарди долари.
Првиот на списокот на Форбс е сопственик на Амазон со двојно повеќе богатство од Маск.
Покрај „Тесла“, според „Ројтерс“, Маск е сопственик на неколку футуристички компании, меѓу кои се и производителот на вселенски ракети „SpaceX“ и „Neuralink“, високо софистицирана компанија која работи на поврзување на човечкиот мозок со компјутер.
Тој исто така ја основаше компанијата Boring ”која работи на изградба на електрични сообраќајни тунели под зафатените улици во американските градови.