Понудата на американската технолошка компанија „Мајкрософт“ за купување на американскиот дел од видео апликацијата „ТикТок“ беше одбиена од кинеската компанија која е сопственик на таа платформа, „БајтДенс“, соопшти синоќа „Мајкрософт“.
„БајтДенс денеска не извести дека нема да ги продава американските операции на ТикТок на Мајкрософт. Убедени сме дека нашата понуда би била добра за корисниците на ТикТок, истовремено заштитувајќи ги националните интереси“, се вели во соопштението на Мајкрософт.
На почетокот на август, таа американска група изрази интерес за купување на американските операции на ТикТок, кој беше под закана за забрана во САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини популарната платформа за шпионирање во корист на Кина и ѝ даде рок до 20 септември на апликацијата, сопственост на кинеска компанија, или да се продаде или да се затвори во САД.
Доколку купувачот не биде пронајден до 20 септември, платформата мора да биде затворена во САД.
Кинеската компанија поднесе жалба против американската влада за оспорување на мерката.
Вашингтон се сомнева дека апликациите ги користи кинеската разузнавачка служба, додека ТикТок негира дека споделува податоци со кинеските власти.