Вечерва Apple претставува уред за кој многу технолошки медиуми со месеци го нарекуваат „најочекуваниот“ паметен телефон на годината. Новата серија iPhone 12 се очекува да има четири модели, кои треба да го поддржуваат 5G стандардот и да бидат опремени со нов процесор што значително ќе ги подобри нивните перформанси.
Уредите треба да добијат нов, но ретро дизајн со карактеристични рамни рабови, како што имаа претходните модели на iPhone 4 и iPhone 5, како што досега сугерираа разни неофицијални информации и рендери.
iPhone 12 Mini треба да биде опремен со 5,4-инчен екран, стандардната „дванаесетка“ и Pro верзијата со 6,1-инчни дисплеи, додека најголемиот модел Pro Max треба да има 6,7-инчен екран, пишува The Verge.
Новите телефони ќе бидат опремени со OLED екрани, но најверојатно нема да имаат освежување на екранот од 120Hz.
Најзначајно подобрување на новите смартфони е новиот бионички чип А14, првиот процесор на Apple направен со процес од пет нанометри, со импресивно подобрување на бројот на транзистори, што сега брои три милијарди повеќе отколку во претходниот „А13“. Ова ќе им даде на новите уреди дополнителна моќност, далеку поефикасно јадро на процесорот и подобра графика, посочува „Engadget“.
Ова ќе им овозможи на сопствениците на новите смартфони iPhone 12 да уредуваат 4K ултра-HD слики, да фотографираат и обработуваат фотографии со висока резолуција и да играат графички многу тешки игри, притоа трошејќи ја батеријата побавно од порано, пренесува РТС.
Дополнителниот скок на моќта на обработка ќе му овозможи на iPhone 12 да извршува 11 трилиони операции во секунда, што е скоро двојно повеќе од 600 милијарди операции од неговиот претходник. Ова се должи на новата конструкција на чипот А14, кој сега има 16 јадра, во споредба со 8 колку што имаше А13.