Институтот Finance Think препорачува доработка на Предлог законот за буџетите. Иако го оцени како долгоочекуван и значаен чекор напред во подобрување на управувањето со јавните финансии забележа дека е „општ, без специфични чекори“.
Упатуваат сериозни коментари во однос на предлог- процесот за формирање на Фискалниот совет, со забелешка дека остава простор за сомнеж дека најсоодветните профили ќе можат да бидат негови членови.
„Процесот се олигополизира кај три институции, и целосно се исклучува улогата на граѓанскиот сектор, без да биде јасно како наведените институции ќе ги предлагаат кандидатите за членови“, стои во извештајот на „Finance Think“.
Според нив, барањето за оценка на ефектите од предлозите врз приливите и одливите во буџетот во временски распон од четири години го надминува досегашното искуство во кое често оценувањето на фискалните импликации се врши само со зборовите „има“ или „нема“ без соодветна елаборација.
Во таа насока е и нивната препорака Предлог законот да предвиди можност Министерството за финансии да асистира со експертиза на предлагачите на законите во процесот на проценка на буџетските импликации, особено кога тие се долгорочни и особено кога вклучуваат родово- сензитивни прашања.
Оттука, и препораката „робустноста на рамката за управување со јавните финансии да се потпира и врз Програма за јавни инвестиции, во која долгорочните фискални импликации од преземените инвестициски активности на државата ќе бидат соодветно оценети“.
Во таа насока посочуваат дека фискалната стратегија, треба се надополни со Програма за јавни инвестиции, a среднорочното буџетско планирање да се подигне на повисоко ниво, во поглед на неговата прецизност и деталност. Како коректна е оценета праксата при подготовката на Фискалната стратегија буџетот да се планира за следните три години и препорачуваат таа да се рефлектира во предлог Законот за буџетите како законска обврска, со задолжително наведување на основните трендови и политики кои го оправдуваат предложениот среднорочен буџетски план.
„Стратешкото планирање треба да вклучува распоред на трошоците по години и активности, како и таргети за постигнувањата и оправдување на отстапувањата“, велат во „Finance Think“.
Фискалните правила, според нив, треба да бидат поставени во однос на среднорочната буџетска рамка, односно да предвидуваат дека отстапувањето од неа нема да надмине определени претходно дефинирани граници. Тоа велат, го решава и проблемот на поставување фискални правила според мастрихтските критериуми, кои изгубија релевантност во тековната Ковид-19 криза.