СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Во услови на корона, здравите работници работат и за болните

Во просек околу 20% од работниците не доаѓаат на работа бидејќи се позитивни на вирусот КОВИД-19 или пак се во изолација поради контакт со заболен од корона. Тоа во пракса најчесто значи дека еден работник работи за двајца. Бројката е изведена врз основа на грубите пресметки на работодавачите и синдикатите, кои предупредуваат на можноста од понатамошно влошување на ситуацијата.

„Намалениот број работници станува се поголем проблем за менаџерите кои треба да го организираат работниот процес согласно расположивиот број на работници“, вели претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Излезот се бара во прекувремени часови кои ги одработуваат работниците или во организирање смени.

„Проблемот со се почестите отсуства на работниците е особено загрижувачки во текстилната индустрија“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Според него, секој вработен е специјализиран за одредени работни операции и не може лесно да се замени. Единствената опција е на негово место да се ангажираат нови двајца-тројца работници од други работни позиции, но тие нема да го постигнат истиот квалитет, ниту пак брзина.

Посочува дека на овој начин се забавува целиот процес, што понекогаш резултира и со застој во синџирот на производство.

„Поради ова, постојано сме изложени на притисоци од партнерите кои инсистираат на навремено испорачување на робата. Тие пак, трпат притисок од партнерите од странство“, вели Димитров посочувајки дека како резултат на недоволниот број работници и дефицитот на обучени работници, веќе изгубиле дел од партнерите.

Според Сојузот на Синдикати на Македонија, проблемот со недостигот на работна сила поради отсуствата на работниците поради коронавирусот, поголемиот број компании го решаваат со прекувремено ангажирање на оние што доаѓаат на работа.

„Во просек тие работат дополнителен час-час и половина повеќе“, вели Слободан Трендафилов од ССМ. Посочува дека прекувремените часови се исплаќаат само таму каде што работниците се синдикално организирани, а останатите се принудени да работат подолго од законски определеното време без каков било надомест.

Најголеми кршења на работничките права по овој основ синдикатот регистрира во текстилната индустрија, каде одредени работодавачи им укажувале на вработените дека во сабота треба прекувремено да одработат осум часа.

„Ова е незаконски особено во услови на пандемија“, вели Трендафилов нагласувајќи дека има и компании кои за да го избегнат ризикот од истовремено разболување на сите вработени, одлучиле вработените да ги ротираат на една недела.

За сериозноста на ситуацијата со пандемијата од месец во месец говорат и податоците на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој во ноември издал околу 40,000 решенија на лица позитивни на вирусот КОВИД-19 како и на лица контакти со позитивни.

Само во последните четири дена од минатиот месец се доставени 7.500 решенија за изолација.

К.В.С.

Поврзани вести

Гејтс: Потценувањето на Елон Маск не е добра идеја

Влатко Зорба

Новиот менаџмент на „Филип Морис Интернешнал“: „Ќе продолжиме да работиме во насока на остварување на визијата за свет без чад“

msp-admin

Бесими за вработувањата по етнички клуч: Ако може во Гугл извршен директор да биде Индиец…

msp-admin