„Станува збор за многу комплексна пруга, железница, посебно источниот крак којшто веќе делумно е започнат да се работи, а поделен е во три фази. Првата фаза е веќе над 50 отсто реализирана, но имаме раскинат договор со изведувачите. Очекувам во 2021, во првиот квартал, да се распише тендерската постапка за првата и втората фаза заедно, бидејќи донесовме одлука на влада овие две деленици да ги споиме и да се побара нов изведувач. Очекуваме и посакуваме овој изведувач да биде сериозен, со сериозно силни капацитетни можности со цел да може и оваа пруга да се реализира. Имаме обезбедено средства за овие две делници, а имаме делумно обезбедено средства и за третата делница и посакуваме и таму во текот на 2021 да се отпочнат одредени градежни зафати. Само едно потсетување за граѓаните, за каква комплексна делница се работи можам да кажам дека на оваа пруга имаме преку 90 моста кои треба да бидат изградени и преку 30 тунели само на оваа делница, што значи дека се работи за доста комплексна, сериозна пруга со некаде преку 60 милиони евра.“- изјави министерот за транспорт и врски, Благојчо Бочварски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Во врска со патната инфрастуктура министерот посочува дека во изминатите три години се потрошени милијарда евра за патишта, а во моментов се инвестираат 840 илјади евра.
„Во изминатите три години се инвестираа милијарда евра во изградба, реконструкција и рехабилитација на патишта, мостови, свлечишта, вијадукти, подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата, а денес, во овој момент инвестираме преку 840 илјади евра во изградба на патна инфраструктура или околу 400 километри патишта.“- потенцираше Бочварски.