Анализата на вкупната нето финансиска вредност на домашната економија покажува дека македонската економија во периодот од 2013 до 2019 година има нето должничка позиција, како резултат на поголемиот раст на обврските во однос на средствата, што е вообичаено остварување и во останатите земји во транзиција. Динамички анализирано, негативната финансиска вредност постојано се продлабочува и во 2019 година изнесува изнесуваа 427 милијарди денари или 61,2% од БДП, покажуваат податоците на Народна банка.
Анализирано од аспект на секторите, во периодот од 2013 до 2019 година секторите “домаќинства“ и “странство“ се нето-кредитори коишто ги финансираат останатите сектори во националната економија, а тоа се нефинансиските друштва и државата, коишто се нето-должници.
Финансискиот сектор, согласно со неговата посредничка улога во финансискиот систем, има речиси избалансирана нето финансиска позиција во анализираниот период. Притоа, динамички гледано, не се забележуваат некои позначителни промени во структурата.
Статистиката на финансиските сметки е исклучително важна и воедно една од најкомплексните статистики. Таа е составен дел на интегрираниoт систем на национални сметки, којшто ги прикажува финансиските средства и обврски на одделните сектори во одреден временски период. Процесот на изработка на статистиката на финансиските сметки е исклучително сложен, бидејќи претпоставува користење различни извори на податоци, коишто многу често се наменети за други статистички потреби и може да бидат поставени на различни методолошки основи. Сето ова бара вонреден напор за соодветна комбинација и воспоставување хиерархија на изворите на податоци од примарните статистики и бројни други дополнителни извори на податоци.
Употребливата вредност на статистиката на финансиските сметки е голема, со оглед на тоа што таа овозможува детални информации за состојбата и промените на финансиските средства и обврски на одделните сектори, нивната структура по одделни финансиски инструменти, како и меѓусебната финансиска изложеност на одделните сектори. Поради тоа, финансиските сметки се важен извор на информации за носителите на економските политики.
Од декември 2020 година, Народната банка за првпат започнува со објавување податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија (ГФСМЕ). Тие се однесуваат на состојбите на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти и подинструменти за секој институционален сектор и потсектор на националната економија, како и на секторот странство. Финансиските сметки се изработуваат на неконсолидирана основа. Состојбите ја претставуваат вредноста на поседуваните финансиски средства и неплатените, преостанати финансиски обврски, на крајот на извештајната година. Разликата помеѓу нив ја претставува “нето финансиската вредност“ на соодветниот сектор/потсектор, односно на вкупната економија. Со други зборови, нето финансиската вредност (НФВ) е еднаква на разликата помеѓу вкупните финансиски средства и вкупните финансиски обврски на вкупната економија/поодделен сектор. Доколку националната економија/сектор има вишок финансиски средства, тогаш НФВ е позитивна, односно економијата/секторот е “нето-доверител“. Доколку националната економија/сектор има недостиг од финансиски средства, тогаш НФВ е негативна, односно економијата/секторот е “нето-должник“.