Монетарното злато на крајот на декември минатата година достигна вредност од 341.110.000 евра, покажуваат податоците на Народна банка.
Еден месец претходно, златните резерви во земјава беа на ниво од 329,2 милиони евра, во декември минатата година се позиционираше на 301,8 милиони евра.
На крајот на декември 2020 година, официјалните девизни резерви изнесуваат 3.359.800.000 евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (75,3%) по што следуваат валутите и депозитите (14,6%) и монетарното злато (10,2%).
Девизните резерви се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.
Девизна ликвидност е поширока дефиниција на девизните резерви, опфаќајќи ги од една страна, девизните средства расположливи веднаш на властите (монетарната власт и централната влада) за задоволување на побарувачката за девизи, а од друга страна, краткорочните девизни обврски и вонбилансните активности, преку планираните и потенцијалните нето-одливи на девизни средства врз оваа основа.