Стандард
ЕКОНОМИЈА

Филиповска-Грашкоска: Ќе се постапува драстично при прекршување на протоколите

Засилени контроли и строго постапување на инспекторите кон оние што не ги почитуваат препораките за спречување на коронавирусот најави денеска претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

На прес-конференцијата во Владата, таа рече дека протоколите не се комплицирани за имплементација и порача дека секое непочитување ќе биде санкционирано.

– Се работи за сите нас. Колку повеќе ги почитуваме протоколите, колку повеќе стопанствениците правилно ги применуваат протоколите и ги заштитуваат своите вработени, односно колку повеќе се самозаштитуваме, толку повеќе влијаеме на јавното здравје и придонесуваме побрзо и поефикасно да ја надминеме состојбата во која се наоѓаме, истакна Филиповска-Грашковска.

Во периодот од 4 до 9 јуни од страна на шестте инспекциски служби направени се вкупно 4.194 вонредни инспекциски надзори.

Пазарниот инспекторат констатирал 15 прекршувања на протоколите за отворање на кафеаните и угостителските објекти и предложени се кривични санкции за четири објекти во Струмица и Дојран, четири објекти во Охрид, два објекта во Гостивар и по еден објект во Битола, Струга, Прилеп, Маврово и Пониква. Утврдени се и 20 прекршувања за непочитување лична заштита, одржување ред пред влезот и внатре во продавниците и непочитување на уредбата за замрзнување одредени прехранбени производи.

– Со оглед на фреквенцијата на луѓе во трговските објекти, особено во оние на мало, и во угостителските објекти, особено е важно да се почитуваат протоколите. Инспекторите нема да имаат разбирање во однос на прекршувањето на протоколите и ќе се постапува драстично при констатирано прекршување. Затоа апелирам уште еднаш да се почитуваат протоколите доследно и на тој начин да се заштитат и вработените и клиентите, порача Филиповска-Грашковска.

Трудовите инспектори во овој период направиле 586 контроли кај работодавачи во кои се вработени околу 8.300 лица. Донесени се 11 решенија и 35 укажувања од кои најголем дел се за неносење заштитна опрема и ослободување на вработените од ризичните групи. Од направените контроли кај овие работодавачи констатирано е дека повеќе од 120 лица се ослободени по основ на грижа на деца под 10 години, околу 40 лица по основ на хронична болест и 35 бремени жени.

Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведени се 110 надзори. Издадени се 560 решенија за лица кои го напуштиле државниот карантин по добиен негативен тест и испратени се во домашна изолација. Агенцијата за лекови изврши 26 контроли и не се коснтатирани специфични остапувања.

Агенцијата за храна и ветеринарство направила 167 надзори во повеќе објекти низ градови во државата. Притоа, издаден е еден прекршочен платен налог за пуштање во промет брашно без извршена анализа, а донесени се и 10 решенија за подобрување на хигиената во објектите и изречени се 14 мерки едукација.

При направените инспекции од областа на транспортот забележани се 17 прекршувања и тоа 12 прекршувања кај посебен превоз за вработени во Штип, четири прекршувања кај превоз за вработени во Миладиновци и еден прекршок за превоз на вработени во Велес.

Пред два дена, Владата на 63-та седница донесе одлука да се воведат засилени инспекциски контроли во оние места каде е регистриран зголемен број заболени. Дел од тие градови се Скопје и неколку скопски општини, Куманово, Тетово….

Поврзани вести

Времено суспендирање на тргувањето со акциите на ЗК Пелагонија АД Битола

Влатко Зорба

Економист на „Дојче Банк“: Веќе нема слободен пазар

Stefanija Kuzmanovska

Владата го усвои полугодишниот Извештај за извршување на Буџетот

error: Превземањето на содржина без дозвола од авторот е дело казниво со закон!!!