Еколошката машина „GM500ze“ на македонската компанија „Грин машинс“, која е во сопственост на велешки „Брако“, го чистеше дворот на Белата куќа во Вашингтон, во пресрет на вчерашната инаугурација на новиот американски претседател Џо Бајден.
Станува збор за иновативна машина за одржување хигиена во урбани средини, која работи без воопшто да испушта јаглерод диоксид.
GM 500ze е првата целосно електрична машина од овој тип и веќе добро е позната меѓу градовите и институциите кои се стремат кон паметни и зелени решенија во процесот на одржувањето на хигиената во урбани средини.
GM 500ze е претходникот на најновата иновација што ја произведе „Брако“, која пред неколку месеци беше презентирана во Европа и во светот. Се работи за GM 500H2 што функционира на водород и испушта вода наместо издувни гасови.
И ова возило ја продолжува визијата на велешката компанија чија цел е да придонесе за минимизирање на човечкото влијание врз природата и максимално да ја зголеми ефикасната употреба на ресурсите.