„Пожари се случуваат постојано во нашава држава. Горат дуќани, станови, куќи. Пожарите прават материјални штети а некогаш носат и човечки животи. Семејства остануваат без покрив над главата, ги губат своите живеалишта во целост, остануваат на улица. Губат се што имаат, за да потоа се надеваат дека некој ќе им помогне. Доброволна помош стигнува, но не е секогаш доволна за да се санираат направените материјални штети и доживеаните трауми“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Само изгорените приватни дуќани во трговскиот центар „Глобал” во Струмица ја имаат таа среќа да бидат целосно санирани. Експедитивно, Владата донесе заклучок со којшто им наложи на јавните претпријатија основани од државата да донираат средства на Здружението на граѓани „Обнова на Глобал” за да целосно се реконструира опожарениот трговски центар. Во листата на „обврзани” да финансиски помогнат се акционерски друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции.
Дали е ова морален хазард?
Дали Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд дадоа согласност и го поддржаа овој заклучок на Владата да наложи санирање на приватен објект со државни пари?
Дали сите приватни изгорени и оштетени објекти во државава ќе добијат финансиска помош од државните институции за секој настанат пожар којшто ќе предизвика штета?
Депозитите на околу 3.000 граѓани и фирми депоненти во Еуростандард банка изгореа во невиден „пожар”. Поминаа повеќе од пет месеци од затворањето на банката. Минато време во немир, неизвесност и агонија. Навидум, никој сеуште не знае што се случило или каде завршиле парите, кој ги украл ниту пак дали некој ќе одговара за криминалот. Масовен организиран грабеж на депозитите што се спроведувал од познати лица на раководни позиции во Еуростандард банка со амин и под “бурното” око на Народна Банка. Повеќегодишна кражба толерирана од Народната банка и релеванти државни органи кои иако известени за криминалот не делувале воопшто. Исходот е добро познат, затворена банка и целосно ограбени граѓани и фирми.
За разлика од експедитивната финсиска помош од државни институции за обнова на изгорените приватни дуќани во „Глобал”, оштетените физички и правни лица од Здружението „Правда за штедачи” го немаа тој третман од Владата. Имено, оштетени од масовниот грабеж во банката со знаење но толерирање од Народна банка и релевантни државни органи, минатата година се обратија до Владата за решавање на ова горливо и мачно прашање, но вратите им останаа затворени. Премиерот Заев првично ги поддржи, за да потоа по некое време го промени ставот и категорично ги одбие со оправдување дека се работи за „морален хазард” за којшто наводно бил советуван од меѓународни финансиски институции, поради којшто државата неможе никако да им помогне.
Денес се чувствуваме излажани, понижени и гневни поради двојните аршини во нашата држава. Во истата таа држава ги доверивме нашите тешко спечалени пари кои неретко се надвор од неа печалени и потоа испраќани да бидат инвестирани во истиот тој систем кој на крајот не изневери.
Државата може да помогне во „Глобал”, но не може и не смее да помогне во случајот со Еуростандард банка. Околу 3.000 семејства го изгубија својот личен имот доверен во законски лиценцирана, регулирана и контролирана финансиска институција која е свесно и брутално ограбена. Тешка судбина на илјадници семејства кои се оставени на немилост од системот на државата којшто ја толериралa кражбата на депозитите кога се крадело со години, а ја толерира и денес кога не прави ништо да се открие вистината, казнат сторителите и да се вратат украдените пари. Едноставно, Владата е мајка за едни а маќеа за други. Не така одамна од владеачката партија се родија паролите „Живот за сите” и „Едно општество за сите”. Изгледа дека овие пароли веќе одамна починаа.
Дали Владата ќе ја санира и штетата од „пожарот” во Еуростандард банка или ќе продолжи да го игнорира и толерира криминалот направен во банката?“, прашуваат од Здружението.