СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оптимизам кај Владата и експертите за реализација на капиталните инвестиции во пост-ковид периодот

Оптимистички се очекувањата на Владата и дел од експертите во однос на динамиката на реализација на капиталните инвестиции во пост-ковид периодот.

Министерството за финансии во првиот квартал од годинава измери вкупна реализација од 19,5% или 51,5 % повеќе во однос на првите три месеци лани. По министерот Бесими, оптимист дека работите ќе тргнат на подобро е и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Првиот квартал од оваа година, според него, покажа дека може да се реализира солидно ниво на капитални инвестиции, а со системот на контрола по квартали се прави дополнителен притисок врз сите министерства за достигнување на нивото од 15 % капитални инвестиции. Веќе се работи и на првиот ребаланс на буетот за оваа година, вели тој.

– Конкретно Министерството за транспорт и врски го достигна нивото од над 15% реализација на капиталните инвестиции во првите три месеци од оваа година, иако овој процент многу често во минатото бил недостижен и во моменти кога сме имале нормални услови во економијата. Но, сето ова говори за посветеноста и поставување на вистинските приоритети на право место. Паралелно со овој процес на вбризгување на финансии во економијата преку капиталните инвестиции, работиме на изготвување на пакети на мерки за поддршка на домашната економија, нешто што е неопходно за ублажување на ударот од пандемијата врз бизнис секторот. Токму поради ова веќе се работи на првиот ребаланс за оваа година кој ќе овозможи стабилна поддршка за секој сектор во државата, вели Бочварски.

Дел од експертите сметаат дека пандемијата продолжува да има значајно влијание врз дефинирањето и реализацијата на капиталните инвестиции во текот на претходната и оваа година.

Позитивната тенденција според „Finance Think“ може да укажува на зголемена ефикасност во реализацијата како што пандемијата стивнува и економијата заздравува. Но сепак велат од таму, потребно е да се стави фокус на капитални проекти кои ќе дадат најголем ефект врз економскиот раст.

– Капиталните инвестиции имаат потенцијал за стимулирање на економскиот раст на долг рок, кој пак ќе биде особено значаен во пост-ковид периодот. Сепак, пандемијата предизвика значајни промени во фискалните капацитети. Од една страна се зголемија потребите за итни трошења за справување со кризата, а од друга страна се намалија приходите, што резултираше со пораст на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Таквите текови, го стеснија фискалниот простор, што пак може да се одрази врз идните капитални расходи. Во таа насока, потребно е да се стави фокус на ефикасноста на трошењето на капиталните расходи, но и на ефективноста, од аспект да се стави поголем фокус на приоретизација и инвестирање во капитални проекти кои ќе дадат најголем ефект и влијание за економскиот раст, велат од Finance Think.

Според планираното, оваа година за капитални инвестиции треба да се потрошат 373 милиони евра. Следниве месеци треба да покажат дали оптимизмот на владата и експертите ќе се покаже и на терен поконкретно на атопатот „Кичево- Охрид“, на пругата кон Бугарија и на автопатот до Блаце.

Поврзани вести

Владата најавува намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од 10 на 0 отсто во 2023 година

Влатко Зорба

Светска банка: С. Македонија во најдлабока рецесија досега

Влатко Зорба

Лукаревска: Поднесени 23.861 барање за финансиска помош за исплата на плати