Комерцијална банка АД Скопје известува дека Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор, се стекнал со 1.000 обични акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје, соопштија од Македонска берза.
Во блок-трансакција вредна 24 милиони денари или околу 390.000 евра вчера пак, на Македонската берза се продадоа 3.000 акции од Комерцијална банка.
Акциите се продадоа по цена од 8.000 денари за акција.
На крајот на минатиот месец од Банката ги објавија финансиските резултати за 2020 година.
И покрај економската и пред се здравствената светска криза поради пандемијата на коронавирусот, Комерцијална Банка во изминатата 2020 година од своето работење оствари нето добивка за финансиската година во износ од 1.912,0 милиони денари односно неверојатни 29,4 милиони евра. Добивката и во услови на криза е повисока во споредба со претходната 2019 година, кога Банката освари профит од 1.806,8 милиони денари, такашто истата е зголемена за 5,8%. Планираната бруто-добивка за 2020 година е остварена со 105,4%.
Во услови на значајно влошување на меѓународното економско окружување и негативни економски импликации од спроведувањето на мерките за спречување на ширење на коронавирусот во земјата, економската активност во 2020 година се очекува да забележи пад кој би се движел од -5,4% до -4,9%, при претпоставка шокот од пандемијата да се пролонгира во 2021 година. Економското заздравување се очекува да продолжи со поумерено темпо во текот на 2021 година, при што е проектиран економски раст од 3,9% до 4,8%.