Кинескиот производител на компјутери Lenovo во средата објави дека неговиот профит и приходите нагло се зголемиле во третиот фискален квартал, поттикнат од големата побарувачка на уреди кои им овозможуваат на луѓето да работат од дома за време на пандемијата на коронавирус.
Во тримесечниот период, кој завршува во декември 2020 година, нето добивката на најголемиот светски производител на компјутери скокна за 53 проценти, на 395 милиони долари.
Приходите се зголемија за 22 проценти на 17,25 милијарди долари.
„Силните перформанси се водени од силниот раст на Lenovo во сите делови на бизнисот, благодарение на структурните промени во животниот стил и работните навики од почетокот на пандемијата на Ковид-19“, се вели во соопштението на компанијата.
Побарувачката за лаптопи, телевизори и слични уреди е силна потпора на деловната активност на технолошките гиганти како Lenovo, Samsung Electronics и Panasonic.
Според истражувачката компанија „Гартнер“, во период од три месеци до крајот на декември биле испорачани 10,7 проценти повеќе персонални компјутери отколку во истиот период претходната година.
Lenovo ја консолидираше својата водечка позиција на глобалниот пазар на персонални компјутери, со учество од 27,1 процент. HP е на второ место со 19,8 проценти, а Dell Technologies е на трето место со 16,6 проценти.