Германската влада постигна договор за помош на граѓани со ниски примања и компании кои се тешко погодени од строгите мерки за контрола на коронавирусот.
Бордот на владејачката коалиција постигна договор за нови мерки по скоро петчасовни разговори.
Семејствата треба да добијат еднократен додаток за дете од 150 евра. Минатата година семејствата добија 300 евра по дете. Договорена е еднократна помош за работниците со минимална плата, исто така од 150 евра.
Поедноставената постапка за добивање помош ќе остане на сила до крајот на годината за самовработените и вработените со ниски примања кои се наоѓаат во тешкотии.
Компаниите, пак, од добивката од претходните години ќе можат да одбијат поголем износ од губитоците, до 10 милиони евра или 20 милиони во случај на деловни проекти на повеќе партнери.
Владата ќе им помогне на угостителите со шестмесечно продолжување на стапката на ДДВ за седум проценти до крајот на годината. Културата ќе добие дополнителни милијарди евра преку програмата „Нојштарт Култур“.
„Новите мерки за помош нема да бараат усвојување на дополнителен буџет“, рекоа во средата вечерта претседателот на социјалдемократите, Норберт Валтер-Борјанс и потпретседателката Саскија Ескен.
Надоместокот за детски додаток и поддршка на вработените ќе ја чини државата минимално околу три милијарди евра, а понизок ДДВ за угостителство околу 3,5 милијарди евра.
Цената на даночните олеснувања за бизнисите сè уште не е утврдена.