Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) развива нов метод за проценка на одржливоста на земјите со пристап до финансиските пазари за попрецизно предвидување на ризиците од финансиски кризи и подобрување на транспарентноста, објавија официјални лица.
Ажурираниот метод за проценка на долгот се очекува да биде подготвен за имплементација во четвртиот квартал од 2021 година или првиот квартал од 2022 година, соопштија во средата претставници на ММФ.
Последен пат меѓународниот заемодавател направи промени во 2013 година, кога европската должничка криза беше во полн ек,
Проценката на одржливоста на долгот на една земја отсекогаш била „помалку наука и повеќе уметност“, а новиот систем треба да ја зајакне улогата на науката, изјави на брифинг за новинари Џеромин Зетелмајер, заменик директор на одделот за стратегија, политика и ревизија на ММФ.
Тој додаде дека ММФ го ревидираше моделирањето на факторите поврзани со долгот за да развие „поточна рамка што ќе ни овозможи да предупредуваме на кризи и неодржливи и одржливи долгови, односно да ги предвидиме“.
Проценките се важни бидејќи тие помагаат да се утврди колку една земја може да позајми, почитувајќи ги строгите услови за одржливост на долгот на ММФ.
Тековниот метод за проценка ги посочува земјите кон низа индикатори за потенцијално опасни области, но им остава значителна дискреција на претставниците на ММФ при проценката.
Новите алатки и модели ќе ги поврзат во статистички сигурна, „механичка проценка на одржливост“ што ќе биде потранспарентна, објасни Зетелмајер.
Новата методологија, исто така, треба да овозможи подобра проценка на капацитетот на земјите за сервисирање на потребите за финансирање со поддршка на ликвидни ресурси, потенцијални нови извори на приход и робусни домашни пазари, рече Манрик Саенц, заменик-шеф на одделот за стратегија, политика и ревизија на ММФ .
Во случај на земји зависни од природни ресурси, ММФ ќе се обиде подобро да ги процени климатските промени и идните промени на побарувачката за фосилни горива.
Тие исто така сакаат да го подобрат приказот на одржливоста на долгот на државните компании во финансискиот и нефинансискиот сектор.
Новата рамка за проценка на долгот е развиена по обемни консултации со надворешни чинители, учесници на пазарот, агенции за рангирање, академици, Европската унија и Европската централна банка (ЕЦБ), соопшти ММФ.