Брендот на словенечката авиокомпанија „Адриа ервејс“ во стечај беше продадена на понудувач од странство за нешто повеќе од 33.000 евра нето, изјави стечајниот управник Јанез Пустатичник за словенечката новинска агенција СТА.
Побараната цена во третиот обид за продажба на овој бренд беше утврдена на 10.000 евра. Името на клиентот не е обелоденето.
Девет понудувачи одговорија на јавната покана да достават обврзувачка понуда, вклучително и четворица од странство, рече Пустатичник.
Тој потсети дека на првата покана за доставување обврзувачка понуда, кога бараната цена била утврдена на 100.000 евра, само еден понудувач го платил депозитот, но не успеал да достави понуда, а на вториот повик, кога цената е преполовена на 50 000 евра, немаше интерес од инвеститори.
Брендот „Адриа ервејс“ вклучува неколку регистрирани трговски марки, логоа и онлајн домеини adria.si, flyadria.si, adria-airways.si, afs.si, adria-airways.com, adria.ba, adria.mk и adriaairways.me.
„Адриа ервејс“ е во банкрот од октомври 2019 година. Највредниот продаден имот досега е нејзиниот сертификат авио-оператор (АОК), кој беше купен на аукција од компанијата „Ер Адриатик“ за 45.000 евра, сопственост на словенечкиот претприемач Изет Растодер. Оттогаш, Растодер не презеде други чекори за заживување на оваа авиокомпанија.
Агенцијата СТА потсетува дека во меѓувреме, школата за летање „Адриа ервејс“ беше преземена од институт предводен од поранешниот претседател на Уставниот суд, Питер Јамбрек, кој влезе во проектот со кинески партнер.