СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: Одлуката на Уставниот Суд – историска шанса да се исправи голема неправда

„Повеќе од половина година талкаме од институција во институција борејќи се за вистината и правдата за откривање на сторениот организиран криминал во ограбената Еуростандард банка. Веднаш после затворањето на банката се обративме до Владата со предлог носење на законско решение, но иако првично поддржани, подоцна бевме категорично одбиени од премиерот Заев. Во јавните медиуми објавивме многу примери од грабежот на речиси 60 милиони евра депозити. Се соочивме на дебата и со првенците на ограбената банка, а најмогу со главниот акционер и долгогодишен претседател на надзорниот одбор на банката Трифун Костовски, кој е само еден од главните учесници во организираниот криминал. Многупати ја повикавме јавно и гувернерката Анита Ангеловска Бежоска да одговори на наши конкретни прашања за организираното масовно крадење на депозитите преку нејзино молчење и слепо гледање, но никогаш не добивме одговор од неа. Учествувавме и во надзорната расправа во Собранието на РСМ, но освен парада на некои од главните учесници во криминалот и нивни повикани „домашни експерти” за да ги бранат „угледот и честа” на гувернерката Бежоска, немаме уште слушнато дали истата заврши и дали ќе има некакви заклучоци од таа гимнастика“, велат од Здружениетона оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Во меѓувреме, обелоденивме дека Македонија е единствената земја на Европскиот континент, што ги вклучува и нашите соседни земји кои исто како нас не се се уште членки на Европската унија, во која фирми депоненти во банка не се заштитени и не се обештетуваат во случај на пропаѓање на истата. А такви „изгорени” фирми има околу 2.000 во ограбената Еуростандард банка. Државниот Фонд за осигурување на депозити не ги обештетува фирмите. Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити, физичките лица депоненти во банка се осигурани до 30 илјади евра додека за правните лица депоненти не постои никаква осигурана сума. Државата ги оштетува фирмите со закон додека законски им наложува и ги обврзува да работат исклучиво преку банкарскиот систем. Согласно член 163 став 3 од Законот за банки, на државниот Фонд за осигурување на депозити му се дава првенство односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во крајно нерамноправна положба и се директно оштетени.

Единствена институција во државата која може и треба да ја реши оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба од Законот за банки е Уставниот суд на РСМ. Решавањето на ова горчливо прашање го очекуваме преку поднесената иницијатива до Уставниот суд од октомври минатата година, со којашто се бара укинување на предметниот член од наведениот закон бидејќи со истиот се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, што е спротивно на начелата на владеење на правото дефинирани со Уставот на РСМ.

На 24.02.2021 Уставниот суд конечно ќе решава по поднесената иницијатива, после претходното заседавање на судиите, кое се одржа на 17.02.2021.

Нашата искрена надеж и длабока верба е дека Уставниот суд и уставните судии ќе ја донесат историски праведна одлука, со која се надеваме дека барем делумно ќе се надминат страдањата на оние кои се оштетени од системот не по нивна вина. Од сето досега образложено, длабоко сме убедени дека предметниот член е неуставен и незаконски и поради тоа веруваме дека укинувањето на оваа одредба е повеќе од нужно и неминовно. Со тој чин, ќе се отстрани нееднаквоста и дискриминацијата на сите останати доверители во однос на Фондот за осигурување на депозити и воедно ќе се овозможи да сите тие, физички и правни лица, добијат шанса да барем делумно ги повратат своите депозити преку стечајната постапка. Сето ова може да се надмине само со една одлука на Уставниот суд, во којшто оштетените гледаат светло на крајот од тунелот, бидејќи само тој може да го укине законскиот текст којшто овозможува и креира правна несигурност која води илјадници семејства во неизвесност“, истакнуваат од Здружението.

Поврзани вести

Дизелот поскапува, цената на бензините останува иста

Бислимоски: Нема да се зголемува цената на струјата на регулираниот пазар

ИВАП бара вклучување во петтиот пакет мерки: „Нашите бизниси се пред колапс“

Влатко Зорба