СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

МФЦ лансира платформа за вмрежување на компании од Западен Балкан

Меѓународната финансиска корпорација (МФЦ) ќе лансира дигитална платформа за вмрежување на компании од Западен Балкан со цел создавање нови работни места и економско закрепнување на регионот од последиците од пандемијата на коронавирусот, беше објавено денес.

Иницијативата, спроведена од МФЦ во партнерство со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања СЕКО, е дел од пошироката програма на МФЦ за Србија, Косово и Северна Македонија, покрената со цел да им се олесни на компаниите за производство пристап до 45 милиони долари за финансирање.

Програмата предвидува и привлекување странски директни инвестиции вредни пет милиони долари и поддршка на создавање работни места со висока додадена вредност, се вели во соопштението на МФЦ.

Директорката за развој на приватниот сектор на СЕКО, Лилијана де Са Кирхнопф, рече дека производството во сите земји од Југоисточна Европа во моментов е втор по големина сектор мерен според вработувањето и трет најголем придонесувач за бруто домашниот производ.

„Проценето е дека секторот за лесна или преработувачка индустрија само во Србија вработува 200.000 луѓе, со мали и средни претпријатија што придонесуваат за над 70 проценти во вработувањето“, објасни таа.

Регионалниот директор на МФЦ за Централна и Југоисточна Европа, Ари Наим рече дека излегувањето од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот е шанса за земјите од Западен Балкан да привлечат нови приватни инвестиции, да создадат поквалитетни работни места и да ги зголемат приходите.

„Со овој проект сакаме да ги поврземе малите и средни претпријатија во регионот со глобални и регионални синџири на вредности, што им помага да ја подобрат нивната конкурентност и да овозможат побрз раст“, ​​рече Наим.

МФЦ процени дека многу производствени компании од Западен Балкан, кои веќе една деценија се обидуваат да станат дел од глобалните ланци на снабдување, немаат капацитет и вештини што им се потребни за вмрежување и поврзување со меѓународни компании.

МФЦ соработува со британската компанија „Ахил“ – глобален снабдувач на платформи за пребарување, на проект насочен кон развој на дигитален пазар што ќе им овозможи на производителите да се поврзат со инвеститори, клиенти и добавувачи, се вели во соопштението.

Поврзани вести

НБ ќе ја известува ЕК за фалсификувани ковани евра

Влатко Зорба

Димковски и Бабовски ќе присуствуваат на инфо-денот за ИПАРД во Струмица

АСОМ: Ќе ги преземеме сите мерки спорниот Закон за игрите на среќа да не се донесе

Влатко Зорба