Скоро една петтина од компаниите во Германија веруваат дека пандемијата претставува закана за нивниот опстанок, се вели во студијата на ИФО институтот за деловна клима.
Уделот на компаниите кои се чувствуваат егзистенцијално загрозени се искачи на 18,7 проценти во февруари од ноемвриското ниво од 17,6 проценти, но е малку пониско отколку во мај 2020 година, кога беше 21,8 проценти, според ИФО.
„Меѓу најголемите економски сектори, малопродажбата води во проценка на ризикот во февруари, каде што 34,5 проценти од компаниите изразија страв дека може да не преживеат, по што следат давателите на услуги со 26,3 проценти“, рече Клаус Волрабе, раководител на секторот за истражување на Институтот од Минхен.
Секторите во кои бројот на компании кои се чувствуваат ранливи се под просекот беа трговците на големо со 12,8 проценти, производство со 7,5 проценти и градежништво со 3,6 проценти.
„Компаниите со проблеми со ликвидноста особено се плашат за својата иднина“, додава Волрабе.
Тие стравувања се најголеми во туристичката индустрија со учество од 83,7 проценти од компаниите, во хотелската индустрија со 82,3 проценти и во рестораните и угостителството со 72,3 проценти. Следат компаниите од изнајмувањето и лизинг бизнисот со 33,3 проценти, производството на пијалоци со 27,3 проценти и рекламирањето и истражувањето на пазарот со 24,4 проценти.
Спротивно на тоа, најниската доза на страв беше изразена од: машинската индустрија со 5,6 проценти, електричната индустрија (4,4%), хемиската индустрија (3,9%), автомобилската индустрија (2,3%), правните и даночните консултанти (1,2%) и фармацевтската индустрија со стапка од 0,9 проценти.