Русија усвои закон со кој се бара руски компјутерски програми и апликации да бидат претходно инсталирани на сите телефони, компјутери и други уреди кои се продаваат во земјата, a имаат пристап до Интернет.
Следејќи го законот, сите уреди ќе треба да бидат „опремени“ на таков начин од денес, без разлика дали се произведени во Русија или доаѓаат од увоз.
На крајот на 2019 година, Путин го потпиша овој закон, а официјалната причина е промоција на руски ИТ компании, односно желбата државата да им даде „ветер во грб“ против странската конкуренција во земјата.
Се разбира, критичарите на Путин сметаат дека се работи за нешто друго – негова желба да воспостави контрола врз дигиталниот простор.
Претходно инсталираните услуги припаѓаат на две големи руски интернет компании, имено Јандекс и Мејл.ру. Од социјалните мрежи, тука е „рускиот Фејсбук“ под името Odnoklassniki, како и VK (Вконтакте), а на списокот се вклучени и програмите на Kaspersky.
Многумина во Русија го нарекуваат овој „Анти-Епл закон“, токму затоа што компанијата од Купертино отсекогаш одбивала однапред да инсталира апликации на нивните уреди што не се од таа компанија.