СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

ММФ ја зголеми прогнозата за раст на светската економија на 6% за 2021 година

Светската економија, стимулирана од силниот раст на американската економија, годинава ќе забележи раст од шест проценти, што е за 0,5 процентни поени повеќе од предвидуваните во јануари, објави денеска Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во новите економски прогнози.

ММФ, исто така, го ревидираше растот на светскиот бруто домашен производ за 2022 година, што, како што наведе, ќе биде за 4,4 проценти, односно 0,2 процентни поени повеќе од јануари.

За САД, каде што се редат последователни програми за поттикнување, растот се предвидува на 6,4 проценти во 2021 година, или 1,3 процентни поени повеќе од проценетите во јануари и раст од 3,5 проценти, или еден процентен поен повеќе за 2022 година.

„И покрај големите неизвесности во врска со развојот на пандемијата, гледаме појасен излез од оваа здравствена и економска криза“, рече Гита Гопинат, главен економист на ММФ, презентирајќи го новиот априлски број на „Глобалните економски изгледи на ММФ за 2021 година“.

ММФ малку ја зголеми прогнозата за растот на еврозоната за 2021 година, на 4,4 проценти, наведувајќи дека Европа треба да ги почувствува придобивките од американскиот стимулативен план за пандемијата.

Сепак, јазот меѓу еврозоната и Соединетите држави, кој ќе излезе побрзо од пандемијата, се продлабочува благодарение на побрзата вакцинација и новиот пакет помош за американската економија усвоен од администрацијата на претседателот Џо Бајден од 1,9 трилиони долари, што ќе има посилно и побрзо влијание врз економското закрепнување.

Прогнозата за економски раст на еврозоната е поголема за 0,2 процентни поени од предвидувањата од јануари, додека американската економија годинава ќе порасне за 6,5 проценти, односно за 1,3 процентни поени повеќе отколку што се предвидуваше во јануари.

Велика Британија, која го напушти единствениот европски пазар на почетокот на јануари, како и САД, ќе почувствува побрзо закрепнување благодарение на побрзата масовна вакцинација отколку во ЕУ. Се очекува британскиот БДП да се зголеми за 5,3 проценти оваа година, што е за 0,8 процентни поени повеќе отколку во јануари.

Додека кинеската економија го достигна своето ниво пред пандемијата во 2020 година, американската економија треба да го достигне нивото пред пандемијата оваа година.

Сепак, за еврозоната и Велика Британија, економската активност ќе остане под нивото како што беше на крајот на 2019 година оваа година и ќе остане така до 2022 година, проценува ММФ.

Планот за закрепнување на Бајден ќе ја стимулира американската економија во 2021 и 2022 година, а исто така ќе има значителни последици за главните трговски партнери на САД, наведува организацијата.

За 2022 година се предвидува раст од 3,8 проценти за 19 земји од еврозоната, односно 0,2 процентни поени повеќе отколку во претходната проценка. Сепак, еврозоната само маргинално ќе го компензира заостанувањето од Соединетите држави, чиј БДП ќе порасне за 3,5 проценти во 2022 година или за еден процентен поен повеќе отколку што беше претходно предвидено.

Поврзани вести

Дигиталната трансформација во Европа не може да се случи без отворен пазар

Влатко Зорба

Недостатокот на чипови може да влијае и на производството во Порше

Влатко Зорба

Деспотовски: Нема застој во реализацијата на проектите поддржани од ФИТР

msp-admin