Појавата на пандемијата COVID-19 ја одбележа 2020 година и предизвика последици кои досега биле непознати на глобално ниво. Сите држави вклучително и нашата, институциите на јавното здравје и другите релевантни фактори се соочија со сосема непознат противник, а реакцијата мораше да биде брза и ефикасна во насока на успорување и сузбивање на ширењето на заразата, соопштуваат од Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ).
Се воведоа мерки на ограничување на движење, карантин, изолација, забрана за масовни собирања кои според насоките на научните и стручни институции во државата беа неопходни, но истовремено доведоа до сложени промени во животот и работењето.
Од почетокот на пандемијата, ССМ како репрезентативен синдикат во државата, инсистираше на социјален дијалог и адекватно вклучување на сите социјални партнери во државата во креирањето на мерките за сузбивање на заразата и заштита на животот и здравјето на граѓаните. Истовремено апелиравме дека е нужно преземање на активности за одржување на деловните потфати, стабилизирање на економијата и функционирањето на општеството.
Наша цел беше и во вака сложени здравствени и животно загрозувачки услови, принципот на солидарност и почитување на човековите права, без дискриминација, да биде темел за креирање на начинот и постапката за делување на сите институции во новите услови.
Мотото на ССМ e сите заедно да го поделиме товарот предизвикан од здравствената криза на солидарна основа, да се обезбеди одржливост на функциите на државата, а при тоа животот, здравјето и егзистенцијата на работниците и граѓаните да биде неприкосновен приоритет.
Владата ги прифати и реализираше првите предлози на ССМ, како единствен репрезентативен синдикат во државата, во креирањето на националните политики за справување со здравствената криза, кои беа во насока на тоа да не се отпушти ниту еден работник и државата да обезбеди помош за компаниите, првенствено наменета за исплата на платата на работниците.
Ги поддржавме мерките за заштита на хронично болните работници, како и за заштита на децата и бремените жени.
Во насока на заштита на работниците кои се заболени, во изолација или самоизолација поради КОВИД -19, во рамките на барањата доставени до Владата, покрај другото, ССМ достави предлог – иницијатива, надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од Ковид 19, изолација и самоизолација поради изложеност на Kовид 19 да изнесува 100% од основицата утврдена со закон, за сите работници од јавниот и приватниот сектор.
Поаѓајќи од тешката егзистенцијална состојба во која од почетокот на здравствената криза предизвикана од Корона вирусот, се најдоа голем број на работници, со тоа што се заразија вршејќи ги своите работни задачи, односно им беше определена изолација како резултат на изложеноста на вирусот, пред сѐ, на работните места, Сојузот на синдикатите на Македонија, предложи, во Правилникот за листа на професионалните болести, како професионална болест да се смета заразата со Ковид 19, не само за здравствените работници, туку и за работниците од други дејности, вработени во институции на работни места каде е можен контакт и изложеност на Ковид 19, а исто така предлагаме ова да биде регулирано и со соодветните закони.
Прифатена беше иницијативата на ССМ и Синдикатот за здравствена дејност во Правилникот за листа на професионалните болести да се уреди дека заразата со Ковид – 19 ќе се третира како професионална болест да се смета за здравствените работници.
Со Колективен договор и за вработените во полиција, Македонскиот полициски синдикат обезбеди 100% надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од Ковид 19, изолација и самоизолација.
Прифатена беше иницијативата на ССМ и Владата, со заклучок утврди дека надоместокот на плата за вработените од Јавен сектор, за отсуството од работа поради зараза од Ковид 19, изолација и само изолација поради изложеност на Kовид 19, да изнесува 100% од основицата утврдена со закон.
Работодавачите мора да обезбедат услови за реализација на мерки за хигиена на работно место и физичко дистанцирање на работниците на работните места, како и да ги разгледаат можностите за работа од дома со целосно почитување на правата од работен однос.
Потребата од дополнителни додатоци на плата за работни места каде постои висока изложеност на Ковид 19, треба да бидат предмет на опстојна анализа и регулирање на правото за сите работници кои се по овој основ под зголемена опасност за време на работниот процес.
Препорака на ССМ е дека најголем дел од прашањата поврзани со заштита на безбедноста и здравјето на работниците во услови на КОВИД 19, треба да биде регулирано со Колективните договори на ниво на работодавач.
Унапредувањето на социјалниот дијалог на ниво на компанија ќе придонесе за поголема информираност, обука и оспособување на работниците, претставниците за БЗР и синдикалните претставници за последиците до кои може да доведе заразната болест и како истата да се превенира, односно како да се заштитат себеси и своето здравје, а при тоа економските дејности да се одвиваат со едно стабилно темпо, со што ќе се обезбеди егзистенција на работниците и граѓаните и опстанокот на државата.
Потребна е заедничка активност на претставниците на работниците и претставниците на работодавачите во насока на подигањето на јавната свест за улогата и значењето на здравите и безбедни услови за работа воопшто, со посебен акцент на заштитата на здравјето и животот на работниците како последица на пандемијата.
ССМ бара заедничко интегрирано делување на социјалните партнери, научната, стручната јавност и граѓанскиот сектор, затоа што здравите и безбедни услови за работа бараат мултидисциплинарен пристап во решавањето на проблемите.
Неопходно е ефикасно делување, инспекциските органи и контрола од нивна страна, со цел да се откријат навремено слабостите и да се заменат со решенија кои ќе значат унапредување на здравите и безбедни услови за работа, согласно меѓународните стандарди и препораки, пред сѐ, кога станува збор за актуелната состојба на заштита и сузбивање на заразната болест предизвикана од вирусот Ковид 19.
Последиците од пандемијата можат да бидат катастрофални, апелираме на брзо заедничко делување на сите релевантни чинители, затоа што од сите нас, без исклучок, зависи дали во периодот кој ни претстои, ќе бидеме на висината на задачата да преземеме активности кои ќе ни обезбедат опстанок, соопштуваат од ССМ.