Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше усвоен Стратегискиот план на Народната банка за периодот 2022-2024 година.
Стрaтегискиот план на Народната банка е поставен под мотото „Централна банка којашто со флексибилни, соодветно осмислени и навремени одлуки, во време на брзи промени и дигитална трансформација, придонесува за повисок животен стандард на граѓаните преку создавање амбиент на одржлив и инклузивен економски развој“. Преку деветте стратегиски цели, Народната банка и понатаму ќе им биде посветена на унапредувањето на процесот на спроведување на монетарната политика, на стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, на управувањето со девизните резерви, а сето тоа заради обезбедување услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги. Истовремено, со оглед на тоа дека живееме во време на забрзани промени на глобалната сцена, како резултат на процесите на глобализација, дигитализација, иновација, климатски промени и глобална здравствена пандемија, Народната банка стави акцент и на овие нови трендови во овие области.
Во фокусот на новиот Стратегиски план ќе бидат и финансиската едукација и инклузија, со оглед на важноста на зголемувањето на сознанијата за предностите од користењето различни финансиски услуги во време на технолошки иновации, како и зголемена свесност за ризиците, што, пак, би обезбедило поголема вклученост на населението и малите претпријатија во финансиските текови и олеснет пристап до финансии. Воедно, една од стратегиските цели е и развивањето на свесноста за климатските промени и давањето придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што би придонесло за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и подобрување на нивниот животен стандард. Со издвојувањето на стратегиска цел за транспарентност и отчетност, Народната банка ќе продолжи со активностите за навремено информирање на сите заинтересирани ентитети за своите одлуки, активности, согледувања и оцени, коишто се од значење за економските субјекти и граѓаните, вклучително и во процесите на носење одлуки.
Стратегискиот план на Народната банка на Република Северна Македонија претставува среднорочна рамка за следните три години, согласно со која ги остваруваме нашите активности и нашата визија да бидеме препознаени како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција, којашто ужива висока доверба и кредибилитет во јавноста.
На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.