Исланд нема да учествува на Евровизија 2026 поради учеството на Израел, објави денеска исландскиот јавен радиодифузен сервис РУВ, додавајќи дека сè уште не е донесена одлука за емитување на натпреварот, јавува Танјуг.
„Од јавната дебата во земјата и реакцијата на одлуката на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) минатата недела, јасно е дека нема да има ниту радост ниту мир во врска со учеството на РУВ на Евровизија“, се вели во соопштението.
Исландскиот јавен радиодифузен сервис додаде дека сè уште не одлучил дали телевизиската станица ќе го емитува Евросонгот.
„Учеството на израелскиот национален радиодифузен сервис, Кан, на натпреварот создаде неединство меѓу членовите на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и пошироката јавност“, соопшти исландскиот радиодифузен сервис РУВ, пренесува Би-би-си.
Исланд стана петтата земја што се повлекува поради контроверзноста околу учеството на Израел, по Шпанија, Холандија, Ирска и Словенија.
Рокот за земјите да го потврдат своето учество на Евровизискиот натпревар за Песна на Евровизија 2026 година истекува денеска.
На состанокот на членовите на ЕБУ минатата недела, беше одлучено дека Израел нема да биде исклучен, и покрај критиките за војната во Газа и политизацијата на натпреварот.
Во соопштението на ЕБУ не беше експлицитно споменат Израел, но беше потврдено дека нејзините членови покажале „јасна поддршка“ за новите измени и дека „нема потреба од понатамошно гласање“ за тоа кој ќе може да учествува.
Минатиот месец ЕБУ ги претстави реформите во својот систем на гласање насочени кон зголемување на довербата и транспарентноста, мерки кои добија огромна поддршка на состанокот во Женева денеска.
Според ревидираните правила, индивидуалните гледачи ќе бидат ограничени на 10 гласови наместо претходните 20, а публиката ќе биде охрабрена да ја распредели својата поддршка на повеќе учесници.
Исто така, професионалните жирија ќе бидат вратени за полуфиналните рунди, заедно со гласањето на јавноста.
ЕБУ забележува дека радиодифузерите сега ќе мора да го потврдат своето учество на натпреварот следната година во Виена, а целосниот список на учесници ќе биде објавен пред Божиќ.
