СТАНДАРД life
Фото: GoodFon
Шоубиз

(Фото) Погледнете ја последната фотографија од филмската икона Брижит Бардо, која почина на 91 година

Последните објави на социјалните мрежи им дадоа на обожавателите увид во последните денови на филмската икона Брижит Бардо, покажувајќи ја како го прави она што најмногу го сака – се грижи за животните. Легендарната актерка, која вчера почина на 91-годишна возраст, изгледала исклучително добро само неколку дена пред нејзината смрт.

Светската ѕвезда, која почина по престојот во болница во Тулон, ќе биде запаметена како еден од најголемите меѓународни секс-симболи, но и како страсна активистка за правата на животните. Нејзината Фондација „Брижит Бардо“, посветена на спасувањето на животни и на кампањите за стерилизација на животни, ја објави тажната вест во недела наутро.

 


– Фондацијата „Брижит Бардо“ со неизмерна тага ја објавува смртта на својата основачка и претседателка, г-ѓа Брижит Бардо, светски позната актерка и пејачка, која одлучи да ја напушти својата престижна кариера за да го посвети својот живот и енергија на благосостојбата на животните и својата фондација – се вели во соопштението.

Организацијата не го навела времето ниту местото на смртта.

Последните објави на инстаграм-профилот на фондацијата ја покажуваат Бардо опкружена со кучиња. Во едното видео, таа поминува време со доберманот Урфеа, кој барал нов дом откако неговиот сопственик морал да се пресели во дом за стари лица.

На Божиќ беше објавена фотографија од неа како бакнува спасено куче, со пораката: „Сите тимови на Фондацијата Брижит Бардо ви посакуваат среќен Божиќ и среќни празници! Ви благодариме за вашата поддршка! Грижете се за себе, за вашите најблиски и за вашите домашни миленици.“

Брижит Бардо стекна светска слава со својата улога во филмот од 1956 година „И Бог ја создаде жената“, кој го режираше нејзиниот прв сопруг, Роже Вадим. Улогата на сираче ја претвори во предмет на фасцинација за милиони луѓе. Откако се пензионираше од глумата во 1973 година, таа се посвети на активизмот.

 


– Својата младост и убавина им ја дадов на мажите, сега го давам своето искуство, најдоброто од мене, на животните – гласела нејзината позната изјава.

По веста за нејзината смрт, од Брижит Бардо се прости и францускиот претседател Емануел Макрон, велејќи дека таа е „легенда која го отелотворила животот на слободата“. На социјалната мрежа Икс, тој напиша: „Нејзините филмови, нејзиниот глас, нејзината блескава слава, нејзините иницијали, нејзините таги, нејзината великодушна страст кон животните, нејзиното лице што стана Маријана, Брижит Бардо го отелотвори животот на слободата. Француско постоење, универзален сјај. Таа нè допре нас. Жалиме за легендата на векот.“

Во последните месеци, здравјето на актерката беше сериозно нарушено и таа често беше во болница. Во октомври, таа дури мораше да ги негира лажните вести за сопствената смрт.

– Не знам кој е идиотот кој вечерва ја покрена оваа лажна вест за моето исчезнување, но знајте дека сум добро идека немам намера да се откажам – рече таа тогаш.

Ѕвездата ги помина последните неколку години во изолација на својот имот во Сен Тропе, далеку од очите на јавноста.

Поврзани вести

Изгледа сензационално: Салма Хаек го прослави својот 57 роденден во црвено бикини

Urednik

Кевин Бејкон и Кира Сеџвик прославуваат 35 години брак

Urednik

Каја Гербер за Синди Крафорд: „Таа е кул мајка, но постојано ме срами“

Urednik