Од работа од далечина до навикнување на вежбање дома, пандемијата на коронавирус го промени секојдневниот живот на многу луѓе и влијаеше на нивната мотивација.
Мотивацијата, обично се намалува, кога на човек му недостасуваат три клучни области од животот – самостојност, компетентност и односи со други, изјави за CNBC Лора Парк, професор на Универзитетот во Бафало.
„Ковид веднаш ги избриша сите три“, рече Парк.
Добрата вест е дека секогаш може да се прилагоди животот и секојдневната рутина така што ќе се чувствувате помотивирано да ги следите своите цели, без разлика дали се обидувате да останете фокусирани на работата или да ги постигне своите амбициозни новогодишни ветувања.
Еве неколку начини за зголемување на мотивацијата, поддржани од студии:
Создадете дневни ритуали
Студија на Универзитетот Харвард во 2018 година покажува дека ритуалите или кој било предодреден редослед на дејства што се карактеризираат со цврстина и повторување, ја зголемуваат самоконтролата и чувството на самодисциплина кај луѓето.
„Ритуалите не мора да бидат комплицирани и тие можат да бидат нешто што го правите секој ден“, вели Парк. На пример, поставувањето облека за вежбање покрај креветот за да можете да тренирате откако ќе станете се смета за ритуал. Истото важи и за трошење време на медитација или релаксација откако ќе ги подготвите децата за на училиште или ќе го прошетате кучето по работа.
Со текот на времето, ритуалите го автоматизираат однесувањето, рече Парк. Кога навиката станува автоматска, „ја ослободува вашата ментална енергија за да можете да се концентрирате на други работи за кои е потребно повеќе внимание и енергија“, смета таа.
Поставете си рутински „навестувања“
Ние сме дизајнирани да градиме асоцијации помеѓу нас и индиции во нашето опкружување што нè предизвикуваат да правиме различни работи. Ова може да варира од одговор на порака кога гледате или слушате известување, до вадење на клучовите за отклучување на вратата кога ќе се вратите дома.
За време на пандемија, навестувањата што обично нè потсетуваат да направиме нешто (како што е влегување во канцеларија и чувство на подготвеност за работа или запирање до теретана на пат кон дома) беа нарушени. Всушност, луѓето кои работат од дома може да бидат потсвесно збунети од навестувања (како што е кауч или ТВ) со кои обично се среќаваат само за време на викендите.
Создавањето навестувања во околината што ве опкружува ќе ви помогне да ја следите вистинската насока. На пример, ако работите од дома, поставете одредено работно место. На овој начин ќе се чувствувате психички подготвени да работите кога сте на ова место и да се исклучувате од работниот процес кога сте на други места.
Наградете се соодветно
Наградите можат да ја зголемат вашата внатрешна мотивација или желба да направите нешто, вели Парк. Сепак, истражувањата покажуваат дека е важно вистинското време за награда. Во пракса, треба да поврзете активност со нешто што ви се допаѓа истовремено или веднаш после тоа, вели таа.
Додека трчате по лентата, можете да гледате омилена серија како „награда“. Или можете да се почестите со шолја кафе или парче чоколадо додека извршувате тешка задача на работното место. (Клучно е да се биде внимателен наградите да не се самоуништувачки, додава таа.)
Најдете време за моменти на позитивност
Наоѓањето начини да развивате позитивни емоции секој ден може да има вистински ефект врз вашата мотивација и продуктивност, вели Парк. Може да биде многу мало, како да гледате смешно видео или да испраќате порака до пријател, вели таа. Студиите покажуваат дека искуството на позитивни емоции може да ги подобри перформансите на работното место, како и менталното и физичкото здравје, социјалните односи и приходите.
Од друга страна, негативните емоции „го намалуваат нашиот фокус и прават да не сакаме да излеземе од нашата удобна зона“, вели Парк.
Не бидете премногу строги кон себе
Постојат два вида на мотивација – внатрешна, кога некое лице прави нешто само заради задоволство од тоа, без да се концентрира на крајниот резултат, наградата, па дури и можната казна; и надворешнa, што е резултат на надворешни награди или можна казна.
Во врска со ова, „Можете да започнете многу надворешно мотивирани, но со текот на времето, откако ќе станете добри во нешто или ќе стане дел од вашиот идентитет, тогаш станува нешто во кое навистина уживате“.
Нешто што честопати се испречува на патот на мотивацијата е кога луѓето подлегнуваат на надворешен притисок или повратни информации и ги поврзуваат своите перформанси со нивната самодоверба и его, вели Парк. (Во психологијата, ова се нарекува „воведено саморегулирање“.) Ова е затоа што кога вашата самодоверба и егото се фокусирани на вашите перформанси, негативните мисли за себе може да ја попречат вашата способност да постигнете одредена цел.
Затоа е важно да откриете од каде доаѓа напнатоста и да не бидете премногу строги кон себе.
Знајте што предизвикува недостаток на мотивација
Секој понекогаш се чувствува немотивиран, па затоа е важно да знаете што ја предизвикува оваа состојба кај вас и да ги прилагодите работите за да можете да помогнете да ja вратите вашата мотивација, вели Парк. На пример, кога ќе се чувствувате презаситени со работа или „прегорување“ и немате мотивација, тоа може да биде „врескачки сигнал“ дека треба да забавите или да одморите, вели таа.
Негативните повратни информации се нешто друго што предизвикува недостаток на мотивација. „Може да биде многу обесхрабрувачки кога ќе добиете негативни повратни информации, критики или проценки“, вели Парк. Во такви моменти, може да се чувствувате како да е загрозено вашето его. „Еден начин да ја вратите мотивацијата на природен начин е да напуштите одредена работа, да направите други работи, а потоа да се вратите на тоа“, вели таа.
Студиите покажуваат дека имањето многу специфичен план за вонредни состојби за такви случаи може да биде корисно, смета Парк.
„Направете сценарио во главата за тоа што ќе правите. Тоа е како автоматизирање на вашето однесување за да не бидете целосно парализирани во такво време “.