Градоначалникот на Амстердам, екологистката Фемке Халсема, предложи да им се забрани на туристите да ги посетуваат градските „кофишопови“ каде што прво се продава марихуаната пред се останато.
Таа сака да ја намали „привлечноста на Амстердам како дестинација за туризам за мека дрога“, напишала во писмото до нејзиниот градски совет во петокот.
„Во последниве години, видовме дека побарувачката за канабис во Амстердам е неверојатно зголемена“, рече Халсема во интервју за јавната телевизиска станица „NOS“.
„Ова главно се должи на зголемувањето на бројот на туристи“, додаде таа, истакнувајќи дека некои од нив се „канабис-туристи“ кои доаѓаат во Амстердам исклучиво да ја консумираат дрогата.
Овие „туристи“ се извор на проблеми за центарот на градот, рече градоначалникот.
„Амстердам е меѓународен град и ние сакаме да им посакаме добредојде на туристите, но би сакале туристи кои доаѓаат поради богатството на градот, неговата убавина, културните институции”, рече таа за холандската јавна телевизија.
Според податоците на Министерството за јавно здравје, Холандија има 570 „кофишопови“, а според податоците на Амстердам, во тој град има 166, или 30% од сите во Холандија.
Од 1970-тите, холандската влада ги толерира оние продавници што продаваат канабис, но производството и снабдувањето со канабис се, сепак, нелегални.