Продажбата на пиво во британските пабови минатата година падна на најниско ниво од 1920 година, поради долгогодишните строги ограничувања воведени од владата во Лондон поради ширењето на коронавирусот.
Вкупната продажба на пиво падна за 56 проценти во 2020 година, на 6,1 милијарди фунти, што е за 7,8 милијарди помалку од 2019 година, според студијата објавена од Здружението на британски пивари и сопственици на пабови и се наведува дека тоа е најмалата продадена количина пиво во последните 100 години, пренесе лондонски „Гардијан“.
Овие податоци за прометот на пивото беа објавени во време кога британскиот министер за финансии Риши Сунак се соочува со зголемен притисок да преземе нешто и да спречи бран на затворање на компании во услужниот сектор, за кој се смета дека ќе биде еден од највиталните за заздравување на британската економија откако ќе бидат укинати рестриктивните мерки.