Предолгото работно време е смртоносно за стотици илјади работници годишно ширум светот и ова е негативен тренд што може дополнително да се влоши и забрза со пандемијата на коронавирусот, предупреди во понеделникот Светската здравствена организација.
Резултатите од првата глобална студија за предвремена смртност поврзана со предолго работно време се објавени во списанието „Environment International“, пренесе Хина.
Тие посочуваат дека во 2016 година, околу 745 000 луѓе починале од мозочен удар или срцеви заболувања поврзани со долго работно време, што е скоро 30 проценти повеќе отколку во 2000 година.
„Работното време од 55 часа или повеќе неделно претставува сериозен здравствен ризик. Ние имаме намера да го искористиме ова знаење за да ги охрабриме инволвираните да се занимаваат и со тоа дополнително да ги заштитиме работниците “, рече Марија Неира, директор на Одделот за животна средина, климатски промени и здравје во СЗО.
Студијата, спроведена во 194 земји во светот од СЗО и Меѓународната организација на трудот, сугерира дека мнозинството жртви, дури 72 проценти, се средовечни или постари мажи.
Истражувањето, исто така, укажува на тоа дека жителите на Југоисточна Азија и Западен Пацифик, кои ги опфаќаат Кина, Јапонија и Австралија, се најмногу погодени од овој проблем.
Податоците сугерираат дека луѓето кои работат 55 или повеќе часа неделно имаат 35% поголем ризик од мозочен удар и 17% поголем ризик од исхемична срцева болест во споредба со оние кои работат помеѓу 35 и 40 часа неделно.
Студијата опфаќа период од 2000 до 2016 година, што значи дека не ја вклучувала пандемијата на коронавирус, но официјални лица на СЗО сметаат дека почестата работа од дома и забавувањето на глобалната економија, како резултат на коронавирусот, може да го зголеми ризикот.
„Пандемијата го забрза негативниот развој на настаните, што може да го поттикне трендот на продолжување на работното време“, стои во извештајот на СЗО, според кој денес најмалку 9 проценти од луѓето имаат премногу долго работно време.
Ограничувањето на бројот на работни часови би било корисно за работодавците бидејќи се покажало дека ваквиот потег ја зголемува продуктивноста на работникот, изјави техничкиот службеник на СЗО, Френк Пега, кој рече „во време на економска криза, паметно е да не се зголемува работното време“ „
СЗО објави дека, земајќи ги предвид податоците од оваа студија, ќе се обиде да ги подобри своите работни регулативи.