СТАНДАРД life
БИЗЛАЈФ

Загадувањето од фосилни горива убива до 10 милиони луѓе годишно

Загадувањето на воздухот е „тивок убиец“, заклучи група американски и британски научници кои ги објавија резултатите од нивното истражување во најновиот број на списанието „Environmental Research“. Тие го проучувале загадувањето на воздухот со честички штетни за здравјето на луѓето и оние кои се директен производ на употребата на фосилни горива. Со согорување на дизел, бензин и јаглен се создаваат ПМ2,5 честички, односно со дијаметар помал од 2,5 микрони, кои лебдат во воздухот. Тие предизвикуваат голем број на болести, вклучувајќи респираторни, срцеви, па дури и губење на видот.

Истражувањето покажа дека во 2012 година, емисијата на овие честички може да се припише на 10,2 милиони предвремени смртни случаи во светот, од кои повеќето паѓаат на Кина, Индија, но и на САД, Европа и Југоисточна Азија. До 2018 година, последен пат кога беа анализирани податоците, ситуацијата донекаде се подобри, така што овие научници проценуваат дека околу 8,7 милиони луѓе ширум светот починале предвреме поради изложеност на ПМ2,5 честички.

И понатаму тоа е повеќе од смртните случаи на годишно ниво како резултат на пушење и маларија – заедно. Она што зачудува е фактот дека скоро секоја петта смрт во светот се припишува на оваа причина, односно дека ова истражување поврзува двојно повеќе смртни случаи со загадувањето од претходните истражувања.

Во Европа, 16,8% од предвремените смртни случаи се припишуваат на долгорочна изложеност на воздухот загаден со согорување на фосилни горива, додека во Кина оваа причина може да биде поврзана со дури една третина од сите предвремени смртни случаи. Да не беа емисиите предизвикани од употребата на фосилни горива, очекуваниот животен век на целата светска популација ќе се зголеми за една година, додека трошоците за јавно здравје ќе се намалат за 2,9 трилиони долари.

Бидејќи употребата на фосилни горива и емисии на честички ПМ2.5 може да се контролира и регулира, за разлика од, на пример, шумските пожари, овие научници велат дека податоците од нивното истражување треба да послужат како предупредување и охрабрување за законодавците и сите вклучени во процесот да ја забрзаат транзицијата до чисти извори на енергија.

Поврзани вести

Русија „патентира“ туристички ХИТ: „Аранжмани за вакцини“

Влатко Зорба

Работата од дома нè оддалечи од колегите, но не само физички: Кои се последиците од недостатокот на интеракција?

Влатко Зорба

Принцот Хари има нова работа: доверена му е многу ретка улога во корпоративниот свет

Влатко Зорба