СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Американската компанија „Дура аутомотив системс“ гради две нови фабрики во Бунарџик

Американската компанија од автомобилската индустрија „Дура аутомотив системс“ денеска почна изградба на две фабрики во технолошко индустриската развојна зона Скопје 2. Во новите капацитети на компанијата ќе се произведуваат компоненти за најголемите светски автомобилски компании и се најавени 68 милиони евра и 980 нови работни места.

„Дура“ веќе почна произвoдство во својот прв капацитет во нашата држава, а одлуката за новите инвестиците, според премиерот Оливер Спасовски, е храбра и зборува и за привлечноста на економската политика на Владата во делот на поддршката на странските инвестиции. – Горди сме на овие инвестиции затоа што станува збор за водечка светска компанија во автомобилскиот сектор со искуство од преку сто години. Уште поважно и позначајно е што компанијата ги опслужува најголемите производители на автомобилите на северноамериканскиот, на азискиот и на европскиот пазар, потенцира Спасовски.

„Дура аутомотив стракшн“ е името на едниот од новите капацитети во кој ќе се произведуваат алуминиумски рамки за литиумски батерии за електрични возила, како компоненти за премиум класа автомобили. Ќе биде со големина од приближно 25.000 метри квадратни, а почетокот на производство се планира за првиот квартал на 2021 година. Петгодишниот инвестициски циклус од 2019 до 2023 година е проценет на повеќе од 48 милиони евра и ќе отвори 780 работни места, најави Спасовски.

Втората нова фабрика „Дура Аутомотив екстружанс“, пак, ќе произведуваат алуминиумски ултра лесни профили за електрични возила. Почетокот на производство во капацитетот на површина од 10.000 метри квадратни, исто така е најавен за една година. И таму се планира петгодишен инвестициски циклус од 20 милиони евра и  200 нови работни места.

– Трите фабрики на Дура аутомотив системс ќе вработуваат околу илјада наши сограѓани. Сите тие ќе работат во најсовремени фабрички системи, ќе се стекнат со обуки и вештини да учествуваат во високотехнолошки процеси. Едноставно ќе станат дел од глобалниот свет на Дура аутомотив системск. За истакнување е и намерата на компанијата за поддршка на нејзините фабрики за изгради и Центар за истражување и развој кој ќе вработи висококвалификувани и искусни инженери, вклучувајќи и инженери за компјутерски дизајн, експерти за машини, механички и електроинженери во кои ќе се врши обуката на вработените, рече Спасовски.

Директорот на компанијата „ДУРА Аутомотив“, Мајк Бекет, најави дека производствените капацитети во нашата земја ќе интегрираат врвна и иновативна технологија.

– Раководниот тим на ДУРА високо ја цени извонредната соработка што ја добивме од Владата на Република Северна Македонија. Нивната силна поддршка му овозможи на нашиот тим за европски операции исклучително брзо да премине кон финализирање на ова стратешко дополнување во нашето работење, рече Бекет.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, економските политики на Владата овозможиле предвидливост и транспарентност за заинтересираните инвеститори.

– Денес во нашата држава инвеститорите, но истовремено посебно функционерите немаат дискрециско право да одлучуваат за тоа какви придобивки ќе има секоја инвестиција во Северна Македонија. Денес сите пред да одлучат да инвестираат во нашата држава знаат приближно колку тие ќе бидат поддржани од страна на државата, а тоа секако дека им дава предвидливост, секако дека им дава поточни информации за тие да креираат соодветни бизнис планови врз основа на кои секако дека ќе имаат и профит во нашата држава, но истовремено и ќе вработуваат повеќе луѓе, рече Бектеши.

Поврзани вести

Forbes: Ова се 10 – те најмлади милијардери за 2020 година

Stefanija Kuzmanovska

„Standard & Poor’s” го потврдија кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед

Влатко Зорба

Нови алатки за јакнење на извозниот потенцијал на малите и средните фирми од Западен Балкан

Берта Китинска