СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Анѓушев: Домашната економија мора да биде отворена кон големите земји и пазари и да воспостави комуникации со руските компании

Руските компании да влезат на македонскиот пазар, да ги искористат бизнис поволностите што ги нуди земјава, да инвестираат и да реализираат заеднички проекти со македонските партнери во енергетиката, гасификацијата, туризмот, земјоделството, апелира премиерот Зоран Заев во обраќањето со кое го отвори денешниот Македонско-руски бизнис форум.

Форумот се одржува во Скопје, но е во рамки на 9. сесија на Мешовитата меѓувладина комисија која утре, во Охрид, ќе заседава, а се активира по пауза од пет години.

– Односите со Руската Федерација се традиционално пријателски, но потенцијалите во делот на економијата не се доволно искористени и во овој сегмент мора да работиме. Во дијалогот на Меѓувладината комисија која повторно почнува со работа, од оваа година е внесена нова динамика. Мора да имаме успех. Верувам дека ќе постигнеме сериозен исчекор, истакна Заев.

Тој информира дека размената со Русија учествува со само 1,1 отсто во вкупната размена на земјава остварена во периодот јануари – јули 2019 година.

Рускиот заменик-министер за индустриски и трговски развој Алексеј Груздев во оваа прилика порача дека македонската Влада треба да создаде, како што рече, благопријатни услови за интензивирање на економската соработка.

– Тоа ќе зависи од вас и само така ќе можете да ја видите вашата конкурентност на пазарот. Убедени сме дека со тоа ќе се зголеми партнерството. За жал, ние имаме поинакви бројки за размената според кои таа се намалува, но ако навистина е зголемена за 25 отсто, како што велите, тоа радува, напомена Груздев.

Русија, дополни заменик-министерот, е подготвена за купување стоки и услуги од земјава, посебно од агросекторот, но сериозен потенцијал за унапредување на соработката има и во транспортот, движењето на стоки и авиосообраќајот.

– Во областа на енергетиката сме сигурни партнери, а освен за зголемување на увозот треба да зборуваме и за техничко-технолошкиот развој, подвлече Груздев.

Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, домашната економија мора да биде отворена кон големите земји и пазари и да воспостави што поинтензивни комуникации со руските компании.

– Имавме билатерален состанок. Ја отворивме темата како земјоделските производи полесно и побрзо да стигнат на рускиот пазар. Ги поканивме големите маркети и трговци од Русија да отворат откупно-дистрибутивни центри тука. Се надевам дека оваа иницијатива ќе вроди со плод, рече Анѓушев.

На форумот се обрати и министерот за земјоделство Трајан Димковски, нагласувајќи дека ова е одлична можност за поврзување на компаниите и унапредување на соработката.

– Русија е значаен економски партнер на земјава, особено за земјоделството. Заложбите се да ги одржиме традиционално добрите односи, но и да ги интензивираме на полето на економијата, рече Димковски.

Поврзани вести

Нема да има промени на цената на електричната енергија, потврди Бислимоски

Влатко Зорба

Туризмот како клучен стратешки сектор за економско закрепнување на Западен Балкан

Влатко Зорба

Атанасов: Угостителските објекти пред повторно отворање да се дезинфицираат