СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Бочварски за „Кичево-Охрид“: Нема поскапување на проектот, цената е утврдена на 598 милиони евра уште во 2018. година

Македонија засега нема план да се вклучи во инфраструктурниот проект за брза пруга Белград –македонска граница како дел од железничкиот коридор. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за Стандард го поздравува проектот и вели дека нашиот фокус е пругата од коридорот 8 за кој годинава ќе се избере нов изведувач и ќе продолжи работата на терен.

„Р.С. Македонија има свои транспортни политики кои се темелат врз анализи и студии со цел развој на нашата инфраструктура. Секако дека регионалниот пристап е многу значаен, затоа ние ги следиме тековите и работиме на изградба и модернизација на инфраструктурата“, објаснува Бочварски.

Во однос на автопатот Кичево-Охрид, уверува дека новиот анекс договор кој е во завршна фаза нема да го поскапи проектот туку дека ќе го утврди рокот за завршување на проектот. И до министерот Бочварски стигаат реакциите на граѓаните кои се сомневаат дека оваа делница ќе се изгради но сепак како што вели, безбедноста мора да биде на прво место.

„Верувајте јас потполно ги разбирам граѓаните и нивните реакции се оправдани заради овој лош проект кој за жал го наследивме и кој ни создаде сериозни проблеми, вели Бочварски.

По бројните забелешки дека градежните работи на патот во близина на аеродормот во Охрид е првата слика врз основа на која странците добиваат лош впечаток за земјава, Бочварски е оптимист дека и оваа клучка и уште 20 км од патот ке бидат во употреба до крајот на годинава.

Седум години од почетокот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, на повидок не е неговата завршница.За неполни два месеца истекува рокот кој го најави Владата за завршување на овој проект.До каде се преговорите со изведувачот Синохидро?

-Тимови од ЈП за државни патишта и од Министерството за транспорт и врски  активно работат со Изведувачот на подготовка на нов Анекс на основниот договор за продолжување на рокот за изградба. Очекуваме овој месец да ги прецизираме работите и Анексот да го поднесеме во Собрание се со цел Пратениците да го изгласаат. Во однос на рокот за завршување на изградбата на овој автопат се уште немаме конкретен рок се до завршување на сите детали од преговорите со Изведувачот. Она што можам да го гарантирам е дека нашиот фокус е ставен на аспектот на тоа да нема дополнителни финансики оптоварување за граѓаните и ветувања од изведувачите за брза и квалитетна реализација на останатиот дел од проектот.

Од првичните 370 милиони евра, инвестицијата се искачи на 600 милиони. Дали со одлуката за нов трет рок за довршување на автопатот повторно ќе поскапи проектот и за колку?

-Апсолутно не станува збор за поскапување на проектот. Цената е утврдена на 598 милиони евра уште во 2018. година. Сега ќе се пролонгира само рокот  за изгрaдба заради проблемите што ги наследивме во 2017 година. Досега се пробиени 95% од трасата, а вкупниот прогрес на работите изнесува 62%. Од техничкиот аспект би сакал да ги информирам граѓаните дека се завршени 22 потпорни ѕидови, а се работи на уште 11, асфалтирани во прв и втор слој на асфалт се околу 240 илјади метри квадратни, целосно е пробиен е тунелот, завршена е примарната конструкција, работиме на секундарната конструкција. Драго ми е што тимовите во министерството за транспорт и врски заедно со тимовите од ЈПДП активно работат, проблемите остануваат позади нас и продолжуваме со силна динамика во текот на оваа градежна сезона.

Пред неколку недели најавивте дека се завршени 25 % од репроектирањето на трасата со што се овозможила подобра динамика. Но граѓаните кои за време на Велигденските празници патуваа за Охрид беа сведоци дека на терен градежните работи се во застој или се сведени на  минимум . Каква слика испраќаме со ваква динамика на изградба на овој важен автопат за целата држава, пред  странските и домашните туристи?

-Верувајте јас потполно ги разбирам граѓаните и нивните реакции се оправдани заради овој лош проект кој за жал го наследивме и кој ни создаде сериозни проблеми. Но веќе ги надминуваме и имаме сериозен напредок во изградбата.  Но верувајте исто така како Министер нема да дозволам на грбот на граѓаните да се изгради автопат кој со првичниот проект најпрво не би ги задоволил безбедносните стандарди. Дали треба да дозволиме цела планина да се сруши врз трасата, дали треба да дозволиме по должината по автоБочварскипатот да нема никакви клучки влез и излез? Што е со граѓаните што живеат таму, сето ова тоа е недозволиво.

Ако направиме паралела што затековме, какви проблеми и состојби се одвиваше градбата можам да потенцирам дека имаме добра динамика, градежните работи се засилуваат, за само неколку недели отворивме фронт на нови 20 локации за работа, така што проблемите ги надминуваме, а работите напредуваат. Само еден податок ќе споделам со Вас, а тоа е дека само во моментов на траса имаме 365 градежни машини и 730 работници кои секојдневно работат. Тоа ни дава дополнителен стимул да веруваме дека работите одат во вистинска насока. Но уверувам, и министерството и ЈП за државни патишта, па и другите вклучени институции правиме огромни напори  овој проект да го изведеме на прав пат и да го завршиме во еден оптимален временски период.

Веќе никој не е оптимист дека оваа делница ќе биде завршена годинава и никого не го интересира до каде е експропријацијата на земјиштето, или кои косини и пристапни патишта треба да се доизградат…Додека се чекаат нови рокови и ново поскапување на проектот, сообраќајот се одвива со отежната и нејасна сигнализација.Со ваква ситуација на терен, дали се реални очекувањата дека Охрид го чека подобра туристичка сезона од ланската?

-Веднаш ќе ве корегирам дека нема ново поскапување на проектот. Анексот на кој што сега работиме се oднесува само за продолжување на рокот, без дополнителни финансиски оптеретувања за државата и граѓаните.  Јас сум оптимист дека  работите течат во вистинска насока и тоа можам да го потврдам. Кај нас цел еден тим од архитекти и урбанисти работи само на дополнителните проекти што произлегоа од препроектирањето.  Сите водиме битка со времето што побрзо да го доизградиме овој автопат. Но не е само овој предизвик, работиме на најавата за нов инвестициски циклус за изградба на нов автопат и од Ќафасан –Струга – Требениште, понатаму од Кичево преку Гостивар до Тетово и Прилеп – Битола, но најавувам наскоро пуштање во употреба на уште еден успешен инфраструктурен проект, а тоа е првата и потешка делница на новиот експресен пат Штип – Радовиш со која решаваме голем дел од црните точки во источниот дел на државата. Секако и пуштањето во употреба на делницата Крупиште – Пробиштип после темелната реконструкција. Нашиот фокус е ставен на изградба на нова модерна инфраструктура, поради што инвестираме преку 800 милиони евра во изградба и рехабилитација на патната инфраструктура.

Најавивте дека до крајот на годинава ќе бидат пуштени во употреба 20 км од автопатот.Во кој дел од автопатот е предвидената етапа и дали можеби  приоритет треба да има клучката кај аеродормот во Охрид?

-Како што најавив ние продолжуваме со активен притисок за завршување и пуштање во употреба на 20 километри од овој автопат до крајот на годината на делницата Врбјани до Ново Село и делницата од Требеништа до Охрид како најоптоварена со сообраќај, а овде секако се наоѓа и клучката кај Охридскиот аеродром.

Дали и како Македонија ќе се вклучи во проектот на Србија за брза железница?

-Република Северна Македонија има свои транспортни политики кои се темелат врз анализи и студии со цел развој на нашата инфраструктура. Секако дека регионалниот пристап е многу значаен, затоа ние ги следиме тековите и работиме на изградба и модернизација на инфраструктурата. Фокусот го ставаме на проектот на железничката пруга од Коридорот 8 од Куманово кон Крива Паланка за кој имаме обезбедено финансирање, а во текот на оваа година очекувам да добиеме нов изведувач кој ќе продолжи со работа на терен. Овој проект е дел од Пан европскиот коридор 8 затоа мораме час поскоро да продолжиме со изградба. Проектите од типот на “One Stop Shop” на железничкиот премин со Србија, поврзувањето во делот на гасификацијата или електропреносниот систем даваат нов сјај на целиот Западен Балкан. Генерално секој проект од инфраструктурата на кој работиме ние, но и нашите соседи, го поздравуваме, како нова можност за економијата во регионот.

К.В.С.

Поврзани вести

Петпати повисок данок ако не пријавите недвижнина што не ја користите

Влатко Зорба

Расте цената на нафтата по кризната ситуација на Блискиот Исток

Бектеши: Потпишана предлог одлуката за раскинување на договорот за рудникот „Иловица“

msp-admin