Водородот се смета за најчистото еко-гориво, а токму со него се придвижува новото возило за чистење урбани површини, GM 500H2, што денеска беше претставено во Велес. Оваа револуционерна еколошка иновација ја создаде компанијата „Грин машинс” (Green Machines), чиј доминантен сопственик е велешки „Брако”. Презентацијата на уникатната машина, што воопшто не испушта јаглерод диоксид во воздухот, ја проследија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за економија, Крешник Бектеши, и Насер Нуредини, министер за животна средина.
– Иднината на македонската индустрија се производите со поголема додадена вредност. За да се произведуваат такви извозно ориентирани продукти што можат да се продаваат во целиот свет, потребно е компаниите да го поседуваат највисокото ниво на технологија и да имаат агресивен маркетинг. Токму ова веќе 20 години го применуваме во „Брако”, а овие возила се резултат на овој принцип на работа. За таквиот развој се потребни повеќе години посветен ангажман со јасна стратегија и со луѓе кои што знаат како тоа да го изведат. Навистина сум горд што денес можеме да ги промовираме овие возила, пред сѐ, возилото на водороден, хидрогенски, погон кое што е комплетно развиено како најнова технологија што е иднина во светот. Исто така, горди сме што во „Брако” во Велес се произведе машина за чистење и метење улици, со големина и капацитет што се први во светот. Сето ова е резултат на 60-ина инженери што работат во „Брако”, односно на 150 инженери кои што се дел од групацијата „Фероинвест”, која што вработува повеќе од 1.000 луѓе – истакна Кочо Анѓушев, сопственик и претседател на бордот на директори на „Брако”.
Покрај машината што користи водород, под брендот „Грин машинс” беше изработен и камионот GM995, кое што ќе биде најголемото возило што се произведува во „Брако”. Дополнително, компанијата ги привршува активностите во чии рамки вложи осум милиони евра во нови производствени капацитети, што е значаен исчекор во време на глобална пандемија.
– Навистина сум горд што повеќе од 60 инженери, кои што се дел од „Брако” и „Грин машинс”, стојат зад ова напредно технолошко, целосно еколошко возило, со кое што компанијата, а со тоа и нашата земја е конкурентна на светскиот пазар. Современата трансформација на компанијата, резултира со создавање на прозиводи што се продаваат на глобалниот пазар, како „Грин машинс”. Особено е значајно тоа што целиот нивен развој се одвива токму тука, во Велес, што значи тие се производ на Северна Македонија, од првичната идеја до конечната реализација. Ова што го создава „Грин машинс” докажува дека фосилните горива и нивната примена во секојдневниот живот полека стануваат дел од историјата. Тоа се случува како резултат на извонредни иновации за кои што слушаме од сите страни на светот, а мене ми е особено мило што такво едно еколошко решение е создадено токму во Северна Македонија – рече Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Во рамки на циклусот на нови инвестиции, компанијата вложи во напредната технологија на CNC-управувачки машини, нов погон за комплетно еколошко поцинкување, нова опрема за лин-производство, како и во нова менза за вработените.
И покрај кризата, поради која што условите за работа беа најтешки од логистичко-технолошки аспект, „Брако” не доживеа пад на производството, го зголеми бројот на вработени и сега дел од ова претпријатие се повеќе од 600 лица. Велешката компанија е меѓу технолошки најсовремените во земјава, а со 95 отсто од производството наменето исклучиво за извоз во над 30 земји, таа е еден од најуспешните извозници во Северна Македонија.
„Брако”, со своите 15 инженери, кои соработуваа со колеги од Холандија, го креира еколошкото возило за чистење кое што испушта вода, но не и издувни гасови кои што ја загадуваат животната средина. Амстердам, Утрехт и Ротердам се првите градови што ќе ја одржуваат хигиената со моделот GM 500H2 на „Грин машинс”, а интерес за ова возило има во САД, Велика Британија, Јапонија, но и во скандинавските земји.