СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Дел од маркетите и трговските центри во Македонија одлучија неделата да биде неработен ден за сите вработени

Дел од некои маркети во земјава решија недела да биде неработен ден за сите вработени.

Вработените кои се дел од големото семејство на маркетите Кит-Го, Тера и Супер Кит-Го низ Македонија ќе имаат еден ден целосно да му се посветат на семејството и најблиските.Покрај маркетите и трговските центри решија неделата да им ја дадат како слободен ден на своите вработение.

Од „Скопје сити мол“ и од „Капитол мол“ велат дека работното време ќе биде од 10 до 18 часот, а недела ќе биде неработен ден.

„Со цел да го спремаме трговскиот центар со најдобар ред како и продавниците да бидат спремни за отварање сакаме да ве известиме дека трговскиот центар ќе биде отворен на 15.05.2020 во 10:00 часот. Трговскиот центар ќе работи со ограничено/ скратено работно време (10:00-18:00) и ќе биде затворен во неделите.Се надеваме и посакуваме брзо да се вратиме на старите добри и успешни патеки заедно со вас“, велат од Скопје Сити Мол.

И трговскиот Капитол мол кој се наоѓа во Аердром, започнува со работа од 15 мај во 10.00 часот.

„Трговскиот центар ќе работи со скратено работно време од 10.00 до 18.00 часот од понеделник до сабота. Во неделите, трговскиот центар ќе биде затворен. Од страна на целиот тим на Капитол мол се преземени сите мерки за максимална безбедност на посетителите, нашите вработени, вработените во продавници и сите инволвирани страни. Секојдневната дезинфекција на молот максимално зборува за грижата на менаџментот за побезбеден и посигурен простор за вас“, велат од Капитол мол.

Иницијативата за неработна недела веќе подолго време е актуелна во регионот, меѓутоа бројот на компании во секторот трговија кои го променија своето работно време за да им излезат во пресрет на своите вработени е многу мал.

Владата во јануари дебатираше на темата недела да биде прогласен за неработен ден за сите, а работниците да се плаќаат по час. Токму работењето прекувремени саати, работа на празници и во недела, беа  забелешките кои работниците ги изнесувале како проблеми со кои се соочуваат на средбите со претставници од Министерството за труд и социјална политика. Ваквите барања доаѓаа од работниците кои имаат најниски плати во земјава како што се текстилните работници, вработените во супермаркети, трговски центри и градежни работници.

Во Министерството за труд и социјална политика тогаш се размислуваше дали да донесе ново законско решение со кое ќе бидат решени овие прашања.

„Вработените во текстилните фабрики, трговските центри, во супермаркети, градежните работници имаат право на одмор еден ден во неделата. Сега тоа не е случај, недела е работен ден за голем број граѓани. Владата мора да донесе политичка одлука, како што направи со зголемување на минималната плата и во Законот за работни односи недела да биде неработен ден и да се најде систем како работниците да се плаќаат по час. Кога веќе се стремиме да станеме членка на Европската унија, треба да носиме и европски закони во кои работниците ќе имаат повеќе права“, изјави тогаш Кристина Ампева активистка во здружението „Гласен текстилец“.

Поврзани вести

Пауновски: Министерството за финансии го одби барањето за вработување на 20 инспектори

Влатко Зорба

Цените на горивата од полноќ се зголемуваат за половина денар

Влатко Зорба

Развојна банка со инструкции за плаќање за корисниците на бескаматен кредит од „Ковид1“

Влатко Зорба