СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Фајнанс тинк: Пад од 3,8 проценти на македонската економија годинава

Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк прогнозира пад од 3,8 проценти на економијата во државава годинава. Се очекува најголем интензитет во вториот квартал за кога се проектира намалување на БДП од 12.7 проценти, а следните квартали да забележат економска консолидација.

Динамиката на економските активности, како што соопшти денеска Фајнанс тинк, ја проектираат врз основа на повеќе претпоставки:

-Мерките за спречување на ширењето на Ковид-19 ќе останат на сила во целосен интензитет најмалку до крајот на месецов, по што ќе следува постепено олабавување до втората половина на следниот месец

– Фирмите во секторите угостителство, хотелиерство и трговија на мало кои беа затворени, позначајно ќе ја вратат својата активност кон средината или крајот на мај 2020 година;

– Фирмите кои се дел од меѓународните синџири на снабдување постепено ќе ја воспостават меѓународната трговија во првата половина од јуни 2020 година;

– Мерките за помош на фирмите од Владата кои се објавени досега ќе бидат во полна имплементација најдоцна до почетокот на следниот месец оневозможувајќи нагло скок на невработеноста (отпуштање на работниците, наместо нивно задржување со помош на владините мерки);

– Потенцијалниот недостиг на средства за финансирање на објавените мерки и нови мерки кои евентуално би биле донесени ќе бидат обезбедени навремено од домашни или меѓународни извори на финансирање, така што довербата на економските агенти во носителите на економските политики нема да се соочи со драстични падови.

Од ФТ истакнуваат дека интервалот на доверба на погорните проекции е поголем од вообичаено, поради големата неизвесност во проектирањето. Секое отстапување од претпоставките ќе ги измести и погорните проекции. Поскоро олабавување на рестрикциите од здравствените власти ќе го намали проектираниот пад. Пролонгирање на овие рестрикции, особено во услови на забрзување на растот на бројот на заразени лица, ќе го зголеми проектираниот пад, велат од Фајнанс тинк.

Поврзани вести

ССМ не е консултиран за одложувањето на мерката „Недела неработен ден“

Влатко Зорба

Ангеловска: Преку јасна стратегија и партнерство ги решаваме невработеноста и сивата економија

msp-admin

Берзата повторно го продолжи бесплатното користење на eTrader за инвеститорите

Влатко Зорба