„Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзино членство во Европскиот систем на централни банки“ е насловен твининг-проектот за кој денеска ќе се одржи почетна конференција.
Главна цел на проектот, финансиран од Европската Унија, е да се поддржи нашата централна банка во натамошното усогласување со правилата, регулативата, политиките и работењето со стандардите на Европскиот систем на централни банки и со најдобрите меѓународни практики, заради натамошното одржување на макроекономската и финансиската стабилност.
На првиот програмски дел се најавени обраќања на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, раководителот на Одделот за економски прашања, институционално јакнење и прекугранична соработка при европската делегација во нашата земја Фрек Јанмат, амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих, и Ана Вучиќ, втор секретар на Амбасадата на Република Хрватска.
На конференцијата ќе се обратат и претставници на проектните партнери – централните банки на Германија и Хрватска, по што планираните проектни активности подетално ќе бидат презентирани и од проектните лидери. лв