„Иновирање одвнатре: на кои се начини големите и традиционални компании можат да се “преродат” и да почнат да работат на нови продукти и сервиси“ беше темата на денешниот вебинар на кој учествуваа претставници на ИТ компании. Вебинарот е во организација на МАСИТ и Бизнис Акцелераторот УКИМ.
За Анита Никова, извршен директор на МАСИТ, „преку овој настан и преку оваа соработка, МАСИТ цели да им приближи повеќе форми на корпоративно иновирање, како на своите членки, така и на останатите компании од еко системот. Дополнително, разгледавме повеќе модели на финансирање и можни канали на инвестиции и дискутиравме со присутните за успешните приказни“.
Извршниот директор на БАУ, Александар Стамболиев објасни дека старт ап заедницата има потреба од поддршка. „Како Бизнис акцелератор при УКИМ нудиме разновидна поддршка наменета и за старт-апите и за постоечките компании. Освен паметни инвестиции, на нашите клиенти им нудиме пристап до специјализирано знаење, размена на искуства во соработка со нашите меѓународни партнери, учества на работилници, давање совети преку нашиот професорски кадар и глобалните ментори, партнери на Акцелераторот УКИМ. На овој начин обезбедуваме старт-ап заедницата да биде поврзана со глобалните трендови и да биде во чекор со технолошкиот развој. Оваа работилница е почеток од дефинираната соработка со МАСИТ и е во насока на поддршка на македонската ИКТ индустрија “, вели Стамболиев.
Гостинот на вебинарот, Петар Колесар, партнер во ЦИВИТА за иновации, старт-ап, екосистеми и политики објасни дека тие ги трансформираат компаниите.
„Ние ги трансформираме компаниите преку културата за да ги поттикнат иновациите, потоа сервиси и продукти за употреба на технологии за „нарушување“ и да се победи конкурентската предност. Заедно растеме, се трансформираме, ги поддржуваме и ги јакнеме нашите клиенти. Им помагаме на старт-ап компаниите да растат и да ги достигнат своите цели, помагајќи им во градење на компанијата, добивање финансии и отворање на нови домашни и меѓународни пазари“, рече Колесар.